Романот „Јадица“ на писателот Владимир Плавевски е годинашниот добитник на наградата Роман на годината што традиционално веќе 15 години ја доделува Утрински весник.
Во конкуренцијата за наградата оваа година влегле 23 романи кои пристигнале до редакцијата по распишаниот конкурс. Авторот на наградениот роман ќе добие плакета, статуетка, како и парична награда во износ од 150.000 денари.
Во третиот круг за Роман на годината, влегоа и „Ќерката на математичарот“ од Венко Андоновски, како и дебитантскиот роман на младиот писател Петар Андоновски, „Очи со боја на чевли“. Меѓу потенцијалните добитници на наградата беше и првиот роман на Давор Стојановски, „Ненасловена месечева соната“. Поради големиот успех на младите автори и нивните први романи да се најдат во тесниот избор за престижната награда, жири комисијата се согласи дека нивното достигнување е и воедно најголема радост од минатогодишната книжевна продукција.