„Сонувајќи со ѕвездите“ на Ана Андроска во Чифте амам

Утре вечер (четврток, 17 мај 2012 година) во Националната галерија на Македонија,  објект Чифте амам, со почеток во 20:00 часот, ќе се отвори самостојната изложба на Ана Андроска со наслов „Сонувајќи со ѕвездите“.

Тематски, Андроска ги опфаќа прашањата  од интимата, најскриените желби, потиснатите страсти, како еден сплет на рационалното и интуитивното, имагинацијата и искуството. Преку целиот процес на  себеразоткривање, себеспознавање доаѓа до  создавање на сликата која се формира преку бојата и линијата која е поедноставена, спонтана, едвај видлива, но секогаш ја има.

Надреалниот инфантилен пристап во дисперзијата на креативниот императив на Андроска, го дефинира специфичниот ликовен израз на  младата уметничка. Експресијата, линијата, дводимензионалната обоеност на плохите, тенденциозно наивниот штимунг, нагласено колористичката палета се карактеристики кои ги дефинираат творечките насоки на авторката.

Андреска ќе се претстави со 40 дела, работени во техника масло на медијапан. Кустос на изложбата е Елена Георгиевска, а истата ќе биде отворена до 2 јуни 2012 година.

You May Also Like