„Скопје Ремикс“ во продукција на „Ново Македонско Видеo“ е номиниран за најдобар регионален филм за 2012 година на Филмскиот фестивал „Мотовун“, кој ќе се одржи од 28 јули до 1 август во Мотовун, Хрватска.
Ова е трета година како Филмскиот Фестивал Мотовун ја доделува наградата „Бауер“, која ја оценува целокупната продукција на бившо-југословенската кинематографија. Одлуката ја носи изборно тело составено од рамноправно застапени филмски професионалци и критичари.
На 30 јуни „Скопје Ремикс“ во соработка со „ПМГ Рекордингс“ организира уште еден културен настан на којшто ќе настапуваат реомираните: Беи Д Фиш, Роботек, Кантон 6 и други кои беа дел од саундтракот на филмот на којшто работеа 17 музички групи и создадоа 25 песни.Со ова филмот уште еднаш покажува дека не е само филм, туку уметничко движење за подобро Скопје и подобра уметничка сцена во Македонија.
——————————————————————————–
„Скопје Ремикс“ е збир на уникатни приказни, мисли, визии за градот Скопје, претставен преку очите на 10 македонски режисери кои го доживуваат Скопје на свој уникатен начин: Борјан Зафировски, Даријан Пејовски, Огнен Димитровски, Срѓан Јаниќијевиќ, Ѓорче Ставрески, Саша Станишиќ, Вардан Тозија, Синиша Евтимов, Јане Алтипармаков и Бојан Трифуновски.
Филмот е поддржан од Филмскиот фонд на Македонија и од Филмскиот центар на Србија.