Вечер, четврток (21 јуни) во Менада во Стара чаршија, Независните писатели на Македонија и „Македонска реч“ од Скопје, организираат книжевна средба со истакнатиот српски писател Владимир Пиштало.
Повод за доаѓањето на Пипштало во Скопје е неодамнешното излегување на неговиот роман „Тесла, портрет меѓу маски“ на македонски јазик, во превод на Гоце Ристовски. Во 2008-та година овој роман се закити со престижната НИН-ова награда и досега излегоа седум негови изданија во Србија, а е преведен и на десетина други јазици. На книжевната средба со Владимир Пиштало, покрај авторот, ќе учествуваат, Нове Цветаноски, Гоце Ристовски, Елизабета Шелева и Лилјана Дирјан.
„Тесла, портрет меѓу маски“ е вдахновена биографска хроника на еден од најголемите умови во човечката историја, кој светот го променил како никој дотогаш, многу повеќе отколку што се променил светот од времето на Платон до раѓањето на Тесла. Уште за негово време светот веќе не бил ист, уште тогаш животот веќе бил незамислив без неговите пронајдоци. Денес би бил невозможен. Повеста за Тесла е повест за епохата. Тој е „најголемиот пронаоѓач на сите времиња, позначаен од Архимед, Фарадеј, Едисон, чиј ум е едно од седумте чуда на интелектуалниот свет“; Најголемиот громовник меѓу луѓето. Фасцинантна е биографијата на големиот пронаоѓач и чудак, но и фасцинантно раскажана од Владимир Пиштало.
————————————————————
Владимир Пиштало е роден 1960 год во Сараево, во Белград завршил правен факултет, а докторирал во САД на тема за иселениците од југословенските простори. Овој истакнат српски писател веќе 18 години живее во Америка, каде предава светска и американска историја на Универзитетот во Вустер во Масачусец.
Меѓу неговите најпознати книжевни остварувања спаѓаат и поетските прози „Сликовница“, „Манифести“, „Ноќи“, „Крај на векот“, збирката раскази „Витраж во сеќавањето“, „Приказни од целиот свет“ и романите „Милениум во Белград“ (кој беше во најтесна конкуренција за највисоката француска награда Фемина), „За чудото“ и најновиот роман „Венеција“ кој излезе минатата година. Покрај овие дела, Пиштало е и автор на две необични литературно-биографски книги „Александрида“, бајковита историја за животот на Александар Македонски, како и на новелата „Корто Малтезе“.