„Пина“ во кино Милениум со 3Д технологија

Со премиерата на сто минутниот документарен филм „Пина“ работен по сценарио и во режија на Вим Вендерс, вчера вечер беше промовирана новата 3Д технологија инсталирана во Градското кино Милениум.

На промоцијата присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а директорот на Младинскиот културен центар – Скопје, на присутните во преполната сала на Градското кино Милениум, пред почетокот на филмот им порача: Насладувајте се!

Со екранизацијата на приказната за култната кореографка, професорка по танц како и балетска режисерка – „Пина Бауш“, најголемиот европски и светски режисер Вим Вендерс, на вљубениците во седмата уметност ќе им стане достапна на најактуелната и најсовремена 3Д опрема на светскиот пазар.

Филмот е работен во германска продукција, а улогите ги толкуваат Пина Бауш и Регина Адвенто. Филипина Пина Бауш (27 јули 1940 – 30 јуни 2009) е родена во Солинген, Германија. Пина Бауш е светски познат изведувач на модерен танц, кореограф, професор по танц како и балетски режисер. Со нејзиниот уникатен стил, што преставува мешавина на движења, звуци и импозантни сценографски решенија, како и со начинот на нејзината работа со изведувачите за време на составувањето на една кореографија (стил познат и како Танц театар), нејзината работа стана современ тек што го изврши најголемото влијание во светот на модерниот танц денес.

Вечер покрај филмот „Пина“ што ќе остане на редовен репертоар од 22:30, во термините од 17:30 и 20:00 часот, ќе се прикажува филмот „Најмрачниот Час“ во режија на Крис Горак, работен според сценарио на Џон Спејтс и Лесли Боем. Улогите во овој деведесет минутен американски хорор, научно фантастичен и акционен филм ги толкуваат: Емил Хирш, Оливија Тирлби, Макс Мингела, Рејчел Тејлор.

Сиот свет од ненадеж останува без електрична енергија и настанува хаос. Зад катастрофата стои непознат вонземски вид, којшто има контрола врз електричните мрежи. Во Москва, група млади луѓе успеваат да се сокријат и да ги преживеат нападите. По неколку дена кога излегуваат во светлината на денот, откриваат пуст град во кој опасноста и понатаму демне. Препуштени сами на себе, ќе се обидат да преживеат.

Билетите можат да се купат на касата на кино Милениум, секој ден во неделата од 10:30 до 22:30 часот, по цена од 200 денари за 3Д проекциите.

You May Also Like