Во својот најнов, мартовски број бриселското сефардско списание „Los Muestros“ со нова објава чествува еден од своите редовни соработници, македонскиот писател Томислав Османли. Станува збор за објава на неговиот расказ „Раката на ХеВХаЈ“ на јазикот Ладино.
Во овој 94. број на списанието е објавен првиот дел од оваа подолга трагична љубовна повест која се случува во воена Битола за времето на големите јудејски празници, од Рош Хашана, еврејската Нова година, до Ханука, празникот на светлината. Вториот дел на прозата ќе биде објавен во наредниот број на списанието. Станува збор за расказ од наградената збирка “Светилка за Ханука” чии содржини до сега доживеаа многукратни објави во странство, при што „Los Muestros“ до сега, во многукратни преводи на англиски јазик, ја објави целата книга на Томислав Османли.
Претходно, овој превод на расказот од Османли беше објавен на електронската мрежа од системот Sefarad.org на кој му припаѓа и реномираното бриселското списание.
Преводот и овој пат е реализиран од Белгијанката, Шапоре Бланко. Под наслов “Текстот на Томислав Османли преведен на Јудео-шпански“ истакнатата авторка на јазикот Ладино, го објавува својот коментар како вовед кон расказот, истакнувајќи: “Ова е еден прекрасен, и во моите очи, текст од голема вредност. Плачев додека го преведував. Вистина е дека ми требаше додатно време за долгите пасажи да бидат преведени без да се смени она што г. Османли сакал да ни’ го пренесе. Мислам дека овој текст има далеку повеќе вредност и вкус кога се чита на Ладино, јазикот којшто и Евреите од Македонија го говореле во она време. Ова е апсолутно автентично раскажана приказна за периодот пред избувнувањето на Втората светска војна – текст кој перфектно го опишува животот на Евреите и нивното окружување во Битола…”.
Почнувајќи со објавата на својот расказ на јудео-шпански јазик, авторот својот расказ го посветува на својата неодамна почината сопруга Снежана Османли чија богата биографија уредништвото почесно ја публикува на цела една страница во најновиот број на универзалното сефардско списание.
Инаку, Османли е еден од ретките, ако не и единствен македонски автор, дури со две прозни творби преведен на Јудео-шпански, јазикот на сефардските Евреи со чии судбини се занимава неговата меѓународно забележана прозна книга.