Наградени најдобрите на „Манаки скрипт корнерот“

Вчера вечер (среда, 19 септември, 2012 година) беа доделени наградите на „Манаки скрипт корнерот“ во Битола.

Четиридневната работилница се одржа во присуство на тројца експерти. Совети и помош во развој на сценарија дава: Анита Форхам, д-р за сценарија од Холандија, Рик Вермулен од Холандија, кој одржа сесија по пичинг (pitching) и Себастијан Делои, продуцент од Белгија. Според нивната одлука доделени се следниве награди:

1. награда од 1.500 евра
Вардан Тозија, Македонија, со „Безимени“

2. награда од 1.000 евра
Дениса Попа, Романија, „Пејзаж со камила и мечка“

Останатите учесници во проектот беа:

Антонио Митриќески – „Децата на зимското сонце“, Македонија
Базил Калил – „Викенд во Газа“, Велика Британија
Љупчо Тодоровски-Упа – „Мајсторот“, Македонија

Наградите ги додели Мариет Шурман, амбасадорка на Кралстовото Холандија, во присуство на претставниците на Фестивалот.

Сценариското катче е најнов проект на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, чија цел е да ги потпомогне, промовира и да ги обучи младите филмски автори. Сценариското катче „Браќа Манаки“ е поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија и од Македонскиот филмски фонд.

Досега 9 проекти биле развиени во филмови во рамки на оваа програма, од кои два се реализирани („Жената која ги избриша солзите“ на Теона Стругар Митевска со премиера на Берлинскиот филмски фестивал и „Утре денот доаѓа“ на Минг Ли Чанг), додека три се во претпродукциска и постпродукциска фаза како „Соба за пијано“ на Игор Иванов, „Мајкл Џексон“ на Дарко Лунгулов, „Баиконур“ на Веит Хелмер.

Денешниот ден (четврток, 20 септември) поминува со исклучително богата филмска и додатна програма, како тркалезната маса во партнерство со Капитал, Како до повеќе и поголеми спонзорства во културата и Првата балканска конференција за кинематографери која во хотелот Епинал се одржува во асоцијација со ИМАГО.

Сите филмофили утре ќе имаат единствена можност да поразговараат со г-динот Лучано Товоли, добитник на високата награда „Златна камера 300“ од 13:30 часот во Малата сала во Центарот за култура во Битола.

You May Also Like