„Пеперминт“ конечно ќе го промовира својот нов албум насловен „Ама Ако“. После успехот со синглот „Ако“ и активната година со повеќе остварувања и успеси, панк-рок составот веќе важи за најголемото освежување на домашната музичка сцена. Како наговестување за последното студиското остварување, „Пеперминт“ неодамна го објавија и новиот видео-спот за песната „Твоето Куче“.
Новиот албум „Ама Ако“, кој „Пеперминт“ го објавува за издавачката куќа „Пасворд Продакшн“ содржи 11 композиции и е надополнет со четири бонус песни.
Сите песни се снимени во „Пеперминт продукција“, а зад музиката, текстот и аранжманот се потпишува Горан Трифуновски – Пајак. Покрај Горан Трифуновски (вокал и гитара), во составот на „Пеперминт“ се: Златко Доневски – Боззо (тапани и вокали), Јане Тодоровски – Фанк (бас и вокали) и Ана Трифуновски (шејкери и вокали). Во реализацијата на ова студиско остварување како гости се појавуваат: Маријан Петровски, Кацар, Иван Душков, Игор Николовски – Гац, Сотир Ивановски – Тир, Весна Левајковиќ, Филип Вирановски.
Промоцијата на албумот „Ако“ ќе се одржи во среда, 13-ти февруари, во кафе бар „Љубов“, со почеток во 19:00 часот. На задоволство на својата публика, за оваа промоција бендот подготвува и посебен акустичен сет.
„Пеперминт“ официјално постои шест години. Видеоспотот за нивниот втор сингл на англиски „Riding My Harley In The Rain“ изминатата година беше промовиран на „Ем-ти-ви Адрија“, регионалниот музички канал во чии рамки „Пеперминт“ учествуваше и во трката за најдобар бенд на балканот.
Покрај тоа, 2012 помина и во знакот на нивниот хит сингл „Ако“ кој ги освои највисоките места на македонските музички топ листи. Нивните последни успеси се доволно наговестување за несомнениот квалитет на новото остварување на „Пеперминт“ кое пристигнува спакувано под насловот „Ама Ако“.