Номинациjа на Лидиjа Димковска и преведувачот Александер Зицман за награда Мост-Берлин 2012

Литературното читање и разговор со авторката Лидиjа Димковска на 23.04.2012 година (понеделник), Светскиот ден на книгата и авторското право, во 20:00 часот во ГЕМ клубот, по повод номинациjата на Лидиjа Димковска и германскиот преведувач Александер Зицман за престижната награда Мост-Берлин 2012.

Македонскиот писател, професорот Венко Андоновски ќе ја претстави авторката со особен осврт кон нејзината последна поетска книга „Чесна девојка“ . – избор од поезијата на германски и македонски јазик што го објави издавачот Едицион Кореспонденцен од Настанот го организира Гете-институт Канцеларија за врски, Скопје во соработка со издавачката куќа Блесок.

Наградата за литература и превод „Мост Берлин“ ќе се додели по шести пат од страна на Фондацијата БХФ Банк. Наградата се доделува за современо значајно литературно дело од Централна и Источна Европа и неговиот исклучителен превод на германски јазик

Покровителството за наградата го презеде господинот Петер Естерхази, добитникот на престижната германска награда за мир. Партнери се Гете-институт, Литературниот колоквиум Берлин и Фондацијата Културна сопственост на Прусија.

Наградата ќе биде доделена на 5 јуни 2012 г. во Стариот музеј во Берлин, а истовремено во Литературниот колоквиум Берлин ќе се одржи Симпозиум посветен на литературата во Централна и Источна Европа.

Жири-комисијата од бројните пријави и предлози номинираше 5 кандидати кои се објавени на 16 март 2012 г. на Саемот на книгата во Лајпциг:

■ Лидија Димковска: Чесна девојка (превод од македонски: Александар Зицман)

■ Јури Андручович: Перверзија (превод од украински: Сабине Штер)

■ Мирчеа Картареску: Тело (превод од романски: Герхард Чејка и Фердинанд Леополд)

■ Бора Ќосиќ: Кратко детство во Аграм (превод од српски: Бригите Деберт)

■ Петер Надаш: Паралелни приказни (превод од унгарски: Кристина Вирах)

Лидија Димковска е родена 1971 година во Скопје. Завршила општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски студии по романска книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија, каде што работела како лектор по македонски јазик и книжевност. Сега живее во Љубљана, Словенија и предава Светска книжевност на Универзитетот во Нова Горица.

Ги објавила следниве поетски книги: „Рожби од Исток“ (заедничка со Борис Чавкоски), 1992, награда„Студентски збор“; „Огнот на буквите“, 1994; „Изгризани нокти“, 1998; „Нобел против Нобел“, 2001, второ издание во 2002. Во 2004 „Нобел против Нобел“ беше објавена на словенечки јазик; „Мета-бесење на мета-липа“, избор, препев на романски јазик, 2001, Букурешт, Романија (награда „Поесис“ за најдобра поетска книга на меѓународниот поетски фестивал „Поесис“ во Сату Маре, Романија), „Не будете ги со чекани“ (поетски избор на англиски јазик, Ugly Duckling Press, Њујорк, САД, 2006), „Идеална тежина“, избрана поезија, едиција „130 тома македонска книжевност“, 2008 и „рН неутрална за животот и смртта“, 2009 која наскоро ќе биде објавена и на словенечки јазик. Составувач е на антологијата на најмладата македонска поезија „20.млади.мак.поети.00“, 2000. Го објавила романот „Скриена камера“ (2004) за кој ја доби наградата „Стале Попов“. Во 2009 год. ја доби германската награда за поезија „Хуберт Бурда“.

Изборот од поезијата на германски јазик „Чесна девојка“ во препев на Александер Зицман годинава е номиниран за престижната германска награда „Берлински мост“ како единствено поетско дело во десетгодишното постоење на наградата. Преведува од романски и од словенечки јазик.

Александер Зицман е роден во 1974 година во Штутгарт. По студиите по скандинавистика и славистика во Виена, истражува и предава на тамошниот универзитет. Од 1999 г. Зицман работи како слободен преведувач од бугарски, македонски и скандинавските јазици на германски. Автор е на две лингвистички монографии како и издавач на повеќе антологии и прилози во списанија, евалуатор за Културконтакт Австрија, Сојузното Министерство за настава, уметност и култура на Австрија како и разни издавачки куќи во земјата и во странство. Александер Зицман живее во Виена.

You May Also Like