Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч од Скопје неодамна ја објави познатата драма на познатиот шведски писател и еден од најпознатите драмски писатели во светот Аугуст Стриндберг – „Пеликанот“, во превод од шведски јазик на Ивица Челиковиќ.
„Пеликанот“ е едночинка која има необична логика и визионерска фантастична сила и која потсетува на драмски дела со мотиви од митовите и бајките. Но намерата на Стриндберг не била да ја поетизира или романтизира егзистенцијата, како во драмите со мотиви од бајките и приказните… Насловот на оваа пиеса произлегува од претстава во времето на Стриндберг, дека пеликанот им давал на своите младенчиња да цицаат крв. Стриндберг го превртува поимот и ја прави Мајката како искористувач што ги занемарува своите деца. Пиесата е пишувана од перспектива на децата. „Пеликанот“ е натуралистичка, експресионистичка и апсурдна драма, која ретко се игра во Шведска, но е една од најчесто поставуваните пиеси на Стриндберг во светот.
По повод 100-годишнината од смртта на бардот на шведската и скандинавската литература, и едно од најголемите имиња на светската литература од крајот на 19 и почетокот на 20 век – Аугуст Стриндберг (1849-1912), „Македонска реч“ објавува избор од шест дела од неговото творештво, првпат на македонски јазик, а сите во превод од шведски јазик на Ивица Челиковиќ. Освен драмскиот текст „Пеликанот“, објавени се и првиот и вториот дел од автобиографскиот роман „Синот на слугинката“, романот „Селани од островот“, а наскоро и драмата „Игра на соништата“ и романот „Црвената соба“.