Награда за етномузикологот Ивона Опетческа Татарчевска во Америка

Дигитализираната аудио колекција восочни цилиндри на Густав Купперс Зоненберг и ЦД изданието Wax Cylinder Recordings from Southeast Europe: G. Küppers-Sonnenberg 1935–1939, Vol. 7, во издание на Берлинскиот Фонограм Архив, во кое меѓу другите се застапени и теренски материјали од Македонија, (од периодот меѓу двете светски војни 1935-1939 година), ја освои престижната награда Бруно Нетл. Беше вклучена и македонскиот етномузиколог м-р Ивона Опетческа Татарчевска од Управата за заштита на културното наследство.


Оваа награда која се доделува во чест на основоположникот на светската етномузикологија американскиот етномузиколог со чешко потекло Бруно Нетл, ја доделува едно од најголемите светски здруженија од оваа област, Американското здружение на етномузиколози (СЕМ).

Во проектот кој опфаќаше процес на дигитализација на аудио колекцијата, селекција и научна обработка на материјалот, заедно со издавањето на ЦД-то, помеѓу осуммина етномузиколози од регионот, предводени од германскиот етномузиколг д-р Сузане Циглер, беше вклучена и македонскиот етномузиколог м-р Ивона Опетческа Татарчевска од Управата за заштита на културното наследство.

Со нескриено задоволство Опетческа Татарчевска изјавува дека: “Особена е честа да се добие довербата и да се работи на ексклузивни материјали во еден од најстарите фонограм архиви во светот, берлинскиот, кој е прогласен од УНЕСКО како чувар на меморијата на светот.”

“Работата со професионалци како што се колегите од Берлинскиот фонограм Архив е искуство само посебе, го изострува професионалното чувство до финеси, ја осовременува методологијата на научната работа со која се занимавате, а дава и силен стимул за прескокнување на сите пречки кои како научници ги имаме во нашава држава, каде вистинската наука е на маргините на општеството. И уште кога особено по една ваква добро завршена работа, одборот кој ја доделува наградата во своето образложение ќе нагласи дека таа е доделена за исклучителниот етички пристап кон контроверзната колекција на Купперс, како и поради  неверојатно високото научно толкување на разнородната граѓа која произлезе од процесот на дигитализација, тогаш нема поголема сатисфакција за еден научник”.

Наградата беше доделена на годишното собрание на Американското здружение на етномузиколози (СЕМ) во Њу Орлеанс, САД, на втори ноември.

 

You May Also Like