Вечер (недела, 26 август, 2012 година) на традиционалната манифестација „Мостови“ која се одржува на Мостот на поезијата во Струга, ќе бидат доделени наградите на 51 издание на најстарата поетска манифестација во светот – Струшките вечери на поезијата.
Добитник на Златниот венец на 51 СВП е јужноафиканецот Монгани Вали Сероте. Вечер, нему ќе му биде доделен 47-то по ред признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лавров венец.
Добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра домашна збирка меѓу два фестивала е поетот Милош Линдро за книгата „Основите на небото“.
Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и „Струшките вечери на поезијата“ го доделуваат за најдобар поет-дебитант му припадна на францускиот поет Франсоа Ксавие-Мегр. Наградата „Иселеничка грамота“ за најдобар македоснки поет во дијаспората ја понесе Ивица Челиковиќ.
СВП продолжуваат утре и задутре со шетање на учесниците низ повеќе градови во државата, а ќе биде заокружена во вторник со прогласување на Сероте за почесен член на Друштвото на писатели во Скопје.
Годинава на фестивалот, кој започна во четвртокот, а ќе трае до 28-ми овој месец, учествуваат 60-тина странски и исто толку домашни поети. Освен од Македонија, учествуваат истакнати поети од Азербејџан, Шпанија, Франција, Индија, Куба, Ирак, Сирија, Мароко…
————————————————–
Златниот венец за првпат беше доделен во 1966 година на рускиот поет Роберт Рождественски за најдобра песна, а од 1971 година, кога лауреат бил американскиот поет Вистан Хју Одн, Златниот венец се доделува за творештво.