Со претставата „Пред ваши очи” (Before your very eyes) на Gob Squad (UK/DE) & CAMPO (BEL),синоќа (петок, 21 септември, 2012 година) во Младинскиот културен центар- Скопје, официјално започна 37-от Млад Oтворен Театар. Годинашното фестивалско мото е „Нешто е гнило“.
За оваа театарска англиско-германска, белгиска копродукција е обезбеден превод на македонски јазик, а претставата е во траење од 100 минути. Концептот, дизајнот и режијата е на Gob Squad. Изведувачи се: Martha Balthazar, Spencer Bogaert, Faustijn De Ruyck, Gust Hamerlinck, Zoë Luca, Jeanne Vandekerckhove & Ineke Verhaegen. Претставата репризно се прикажува и денеска во МКЦ во 20:00 часот.
Од 22:00 часот е норвешката „Границата“ по текст, режија, кореографија, сценографија и костими на Јо Стромгрен. Инаку, продукцијата е резултат на соработката меѓу „Јо Стромгрен компани“ и еден од најсеверните институционални театри на светот „Халогаланд театер“ во Тромсо, Норвешка.
Во рамките на придружната програма на МОТ насловена „Кино/ театар“, на полноќ во МКЦ ќе биде прикажан швајцарскиот филм „Уште еден куршум“ во режија на Маркус Фишер, музичка балада, мелодрама танцувана со задршка во анонимен град ноќе или две места за средби: џез-бар и стар хотел, или страстна средба меѓу музичар и проститутка… По него ќе биде прикажан белгискиот танцувачки филм „Розас Данст Розас“.