Дeнеска (недела, 26 август, 2012) во 19:30 часот во Спомен-куќата на Мајка Тереза ќе биде прикажан филмот „Живеејќи со Мајка Тереза“ на јапонскиот режисер и претседател на Јапонската филмска академија Шигеки Чиба, со што ќе биде одбележана 102-годишнината од раѓањето на најпознатата скопјанка во светот.
Филмот е снимен за јубилејот 100 години од раѓањето на Мајка Тереза во 2010 година и содржи архивски снимки од нејзината посета на Јапонија во 1981 година.
По повод 15-годишнината од упокојувањето на Мајка Тереза, на 5 септември премиерно ќе биде прикажан и вториот филм од истиот автор „Мајка Тереза и нејзиниот свет“.
Во Домот на АРМ денеска ќе биде доделена и државната награда „Мајка Тереза“ која годинава ја понесуваат хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје и Детски театарски центар од Скопје.
Големата хуманистка и нобеловка за мир е родена во Скопје во 1910 година како Гонџа Бојаџиу. На неполни 18 години заминала во Калкута каде што го основала редот Мисионери на љубовта и милосрдието и до упкојувањето во 1997 година им помагаше на болните и сиромашните, оставајќи го својот аманет дека светот е гладен за леб, но уште повеќе за љубов.
За својата хумана работа во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир. Во 2003 година папата Јован Павле Втори ја беатифицираше, т.е. ја прогласи за блажена, што е чекор до прогласување за светица.
На гробот на Мајка Тереза во Калкута има спомен-плоча со запис „Благодарност од Република Македонија и жителите на родниот град Скопје“.