„Македонија во чест на св.Кирил“ во Рим по 44-ти пат

Во рамките на манифестација „Македонија во чест на св. Кирил“ во Рим,  Македонија и годинава по 44-ти пат ќе се претстави со атрактивни културни содржини.

Министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска на денот на словенските просветители Кирил и Методиј, 24 мај, со почеток во 18:30 часот, во импресивниот простор на музејот Монтемартини во Рим, ќе ја отвори изложбата „Антички теракотни фигурини од Македонија”, во организација на Музејот на Македонија. Музејот Монтемартини е втор оддел од Капитолинските музеи, најголемите и најважни градски музеи, а сместен во поранешна електрична централа, со постојана поставка која тематски се совпаѓа со изложбата која е подготвена од Музејот на Македонија.

На изложбата, која ќе биде отворена до 30-ти мај годинава, ќе бидат претставени околу 200 теракотни фигурини од предримскиот и римскиот период откриени на четирите археолошки локалитети „Вардарски Рид “ – Гевгелија, „Исар”- с.Марвинци – Валандово, „Стоби” – Градско и локалитетите „Дебој” и „Горна порта” во Охрид. Од темите што се застапени на изложбата најголемиот број се претстави на женски фигурини, потоа антропоморхни и зооморфни претстави, кои се однесуваат на митолошко-религиозните верувања, како и дел од секојдневното живеење на населението.

Изложбата претставува уште еден придонес кон вреднувањето на културното наследство од античкиот период, откриено на територијата на Република Македонија и истата е вистински репрезент на духовно-религиозните вредности и историските моменти, кои секако имале одраз во овој дел на нашето културно наследство.

Во музејот Монтемартини, дента концерт ќе одржат и македонските оперски солисти Ана и Игор Дурловски, во пијано-придружба на Алесандро Д’Агостини од Италија. Ќе бидат исполнети дела од Верди, Хендл, Росини, Моцарт, а дуото Дурловски пред италијанската публика ќе изведе и македонски дела.

You May Also Like