Вечерва (среда, 23 мај 2012 година) со почеток во 20:30 часот во НУ Музеј на современата уметност ќе биде отворена изложбата на Станко Павлески. Истата ќе ја отвори ликовниот критичар Бојан Иванов.
Дематеријализацијата на скулптурата и префрлувањето на говорот на овој уметнички медиум во формат на книга и текст е главната нишка што ги поврзува повеќето различни дела и проекти кои во последните десет години го обележуваат творештвото на Станко Павлески, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
На местото на неговите масивни метални скулптури блиски до естетиката на минимализмот, по кои беше познат и кои ги создаваше од средината на осумдесеттите години на минатиот век, почнувајќи од 2002 година Павлески ги замени со дела засновани во прв ред на текстови поместени во самостојни изданија на книги или публикации, но и различни ефемерни акции во природа, инсталации, перформанси проследени со документарни фотографски и видео записи и воопшто дела блиски до техниките и средствата на концептуализмот.
Првото самостојно издание на Павлески е Ненапишана книга до посредувачот (од 2002), дело со кое започна и цела серија тематски проекти насловени Кино Напредок – Трилогија провинција (реализирани во периодот 2002-2005 заедно со скулпторот ТомеАџиевски) во кои се бави со критика на уметничкиот систем и на критичарите на уметноста. Дел од тој долгогодишен проект е и второто самостојно издание, големата Книга над кориците – Моја антологија: Македонската уметност и критика 1954-2004 (од 2004).
Од 2006 до 2009, заедно со Томе Аџиевски и Јован Шумковски реализира уште една серија изложби во Париз (2006), Њујорк (2007 и 2008) и Александрија (2009) под заеднички наслов Проекција Балкон, каде главно се бави со критика на глобализмот и со релациите на Македонија со овие земји и култури. Книгата Јас Птоломеј МКД и Н.В. Ништото (издадена во 2009) е едно од најконтроверзните изданија на Павлески, со кое сака да ги испита границите на уметничкото дело.
Третата голема серија проекти и дела на Павлески е исто така реализирана во рамките на еден поширок колективен проект, насловен Авторски низ појавното – Уметничко дејствување во природа (2004-2011) од која произлегува и неговото последно самостојно издание, книгата Пишувана уметност (Раскази) објавена во 2011 под името на фиктивната Издавачка куќа Окнат Елва Овоет, име под кое се крие еден од псевдонимите на уметникот.
Книгата се состои од 23 раскази кои се делумно автобиографски и кои „го откриваат сето она што добило појавна форма во неговото творештво, но притоа ги осветлуваат и оние агли и бројни нијанси кои останале недопрени од посредувачите или од гледачот; тие го раскажуваат и сето она што не успеало да се појави и постои како сон, како белешка, како желба или како идеја која сега добива појавност како пишувана уметност – како пишувана скултура, слика, цртеж, но и како книжевност“ (Зоран Петровски, од предговорот во каталогот за изложбата).
Изложбата во МСУ има за цел да го прикаже творештвото на Павлески во овие десет години. На изложбата на која освен бројни објекти, текстови, фотографии и видео, на интересен начин ќе бидат промовирани во целина и сите досегашни изданија на книги и други публикации на Станко Павлески, како и книгата во издание на МСУ, која на над 200 страници го прикажува ова дело на уметникот.
Станко Павлески е роден 1959 во Ерековци, Прилеп. Факултет за ликовни уметности завршува во Скопје во 1984 година. Магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Белград во 1992 година. Член е на ДЛУМ од 1984 година. Тој е редовен професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Досега приредил над триесет самостојни изложби и учествувал на над сто групни изложби во Македонија и во странство.
Куратор на изложбата e Зоран Петровски. Истата ќе биде отворена до 23 јуни 2012 година.