„Леонардо или Микеланџело?“ во фоајето на МСУ

На 20 декември 2012 годina во фоајето на Музејот на современата уметност-Скопје се отвори изложбата „Леонардо или Микеланџело?“ на групата ОПА (Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа) која ќе може да се посети до денес (22. 12. 2012). Куратор на изложбата е Бојана Јанева-Шемова.


Отворањето имаше одличен прием кај посетителите кои имаа можност да уживаат во изложените објекти, богато подготвениот коктел и пријатната и опуштена атмосфера. Изложбата е реализирана со поддршка од Министерството за култура на Р. Македонија.

Групата ОПА (Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа) во својот најнов проект Леонардо или Микеланџело? во Музејот на современата уметност-Скопје ги инкорпорираат нивните досегашни препознатливи компоненти на креирање дело: изненадувањето, пренесувањето на идејата преку игра, како и активно вклучување на публиката во реализирање на авторската мисла.

Во фоајето на музејот се поставени централните објекти на делото –  два апарати (фаќалки) наполнети со банкноти во апоени од 10 денари, од кои присутните имаат можност да извлечат добивка.

Со играта се допира прашањето на музејот како локација на форми, позиции за уметниците да ги употребуваат како колективна опрема што секој е во позиција да ја има како средства за сондирање на современиот свет.

Притоа, ако играта е директно предадена, заднинското истражување лежи во исценираното прикажување на надворешната маска на некои невидливи, но силни културни агенти во имањето/немањето на моќ во креирање на одлуките во врска со уметноста, дали можат да ја превземат улогата или веќе ја имаат? Околу кои одлуки се водат битки во сферата на толкувањето на уметноста? Кои се луѓето кои ги водат тие битки? Овој мисловен ангажман произлегува од длабоката лична инвестиција на авторите, но бара и висок степен на активна партиципација од публиката, до степен на соучесници во креирањето на делото и неговото читање.

——————————————————————

OПА (Опсесивно посесивна агресија) е формирана во 2001 година од ликовните уметници Слободанка Стевческа (*1971, Скопје) и Денис Сарагиновски (*1971, Скопје).  Двајцата студирале на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Работат на границите на ликовната, уметноста на новите медиуми и перформансот. ОПА, до сега, има самостојно изложувано во Македонија, Естонија, Словенија, Хрватска, Франција, Германија, САД и Холандија. Има учествувано на повеќе групни изложби и фестивали какоТрансмедиале, Берлин;  Трансеуропа – Европски театарски и перформанс фестивал, Хилдесхајм;  Freewaves – на нови медиуми, Лос Анџелес;  Биенале на современи уметности, Москва; итн. Има престојувано во арт резиденции во Франција, Естонија, Германија и Швајцарија.

You May Also Like