Македонскиот кандидат за Оскар за најдобар странски филм, “Трето полувреме” на Дарко Митревски, не влезе во потесниот избор за номинација, кој беше објавен вчера (петок, 21 декември).
Американската академија ги соопшти деветте филма, од кои на 10 јануари ќе се изберат пет номинации за Оскар во оваа категорија.
Во потесниот избор влегоа австрискиот “Љубов”, канадскиот “Вештерка на војната”, чилеанскиот “Не”, данскиот “Кралска афера”, францускиот “Недопирливите”, исландскиот “Длабочината”, норвешкиот “Кон-Тики”, романскиот “Зад ридовите” и швајцарскиот “Сестра”.
Годинава имаше кандидати од вкупно 71 земја. Церемонијата на 85-тото доделување на Оскарите ќе се одржи на 24 февруари.