Наградата за најдобар расказ „Живко Чинго“ за 2012 година ќе ја добие авторот на расказот „Богу верен, в брани силен“, кој на конкурсот се пријавил под шифра „Огниште и пак огниште“.
Наградата „Живко Чинго“ е во износ од 30 илјади денари и на авторот ќе му биде врачена на 13 август во рамки на културната манифестација „Вечер на Чинго” што традиционално Општина Охрид ја организира во селото Велгошти, родното место на големиот македонски писател, романсиер и раскажувач.
Идната година, кога ќе бидат одбележани 25 години од востанувањето на наградата „Живко Чинго“, ќе биде објавена и збирка со сите наградени раскази.
Одлуката за најдобриот расказ за 2012 ја донесе тричленото жири: Венко Андоновски, Славе Ѓорго Димоски и Иван Џепароски.