Во НУ Музеј на современа уметност, во организација на Одделот за едукација, на 02 и 03 мај, ќе се одржи работилница со уметникот Атанас Атанасоски на која ќе учествуваат ученици од ОУ „Рајко Жинзифов“, Меѓународно средно училиште и СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје. Работилницата е организирана во рамките на изложбата „Орнаменти“, поставена во Музејот, чиј автор е уметникот Атанасоски.
Во текот на овие два дена, учесниците во работилницата ќе имаат можност во автентичен амбиент пред делата и со демонстрација од уметникот да се запознаат со специфичниот начин на нивното креирање и создавање. Уметникот Атанасоски работи исклучиво со природни материјали.
Инспирирани и поттикнати од делата на уметникот учесниците во проектот ќе имаат можност да создаваат свои дела. При тоа секако е многу важно што младите учесници ќе дојдат до одредени сознанија од областа на ликовната уметност, а истовремено ќе ја покажат својата креативност и фантазија. Делата создадени во рамките на работилницата ќе бидат презентирани на изложба проследена со каталог.