Издавачката куќа „Вермилион“ во Болоња на Саемот на книги за деца

На најголемиот меѓународен настан посветен на издаваштвото за деца и мултимедиa, 49-от Саем на книги за деца во Болоња, годинава е присутна и издавачката куќа „Вермилион“ од Скопје, како специјализиран издавач за овој вид литература во Македонија.

„Вермилион“ пред странските издавачи го претставува англискиот превод на книгата „Златното јаболко и други бајки“ од Христо Петрески, илустрирана од Марија Настовска. Вниманието што го предизвикува овој наслов се очекува да резултира со интерес за негова публикација на повеќе јазици, а со тоа и промоција на современата македонска литература за деца.

„Златното јаболко и други бајки“ е првиот добитник на наградата на „Вермилион“ за најдобар ракопис за деца и млади во 2011 година кој промовира мир и толеранција. Книгата е збирка од три модерни бајки, кои ги комбинираат балканските традиционални мотиви со современите урбани теми.

Македонското издание на книгата ќе биде промовирано на 31 март 2012 година, со почеток во 12:00 часот во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на фестивалот по повод Меѓународниот ден на детската книга што „Вермилион“ традиционално го организира во соработка со Детскиот креативен центар при МКЦ.

Издавачката куќа „Вермилион“ е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Сите изданија на „Вермилион“ се печатат на рециклирана хартија.

You May Also Like