Проектот „КУЛТЕМА“ на Интернационалниот саем за туризам во Белград

Културната вредност во интерес на одржливото територијално управување и маркетинг – „КУЛТЕМА“ е проект од меѓународен карактер во кој Министерството за култура на Република Македонија активно учествува заедно со уште девет земји од Југоисточна Европа. Проектот има вкупно седумнаесет проектни партнери, а водечки партнер е регионот Венето од Италија. Во Македонија овој проект се спроведува на територијата на регионот Дебар – Река.

Во согласност со активностите на проектот, на 22 и 23 февруари 2013 година во Белград (Србија), ќе се одржи состанок на Работната група за одржливост и транснационални договори на проектот, како и претставување на проектот „КУЛТЕМА” на Интернационалниот саем за туризам. Заедничкото претставување на партнерите на проектот ќе биде на штандот на Министерството за култура и информации на Република Србија кое, како ИПА-партнер, ги покани сите проектни партнери да го претстават својот регион кој е предмет на интерес.

На Интернационалниот саем за туризам во Белград Министерството за култура на Република Македонија ќе ги претстави културно-историското богатство и туристичките потенцијали на регионот Дебар–Река и ќе ги објасни улогата и активностите на Министерството за култура на Република Македонија како партнер во проектот „КУЛТЕМА”. На саемот ќе биде презентирана и брошурата за проектот „КУЛТЕМА” и регионот Дебар–Река со културно-историските споменици.

„КУЛТЕМА” успешно се имплементира во Република Македонија од октомври 2011 година, а ќе трае до октомври оваа година. Проектот е поддржан од Советот на Европа, а е финансиран преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) од страна на Европската Унија. Стратегијата на проектот „КУЛТЕМА“ е согледување и промовирање на културното наследство како фактор за економски развој, а главната цел е да се зголеми вниманието за атрактивноста и економскиот потенцијал за инвестирање во културното наследство. Идејата е тоа да се постигне преку зајакнување на институционалните капацитети во областа на културното наследство и да се спроведат иновативни модели на управување, соодветни за намалување на административните, општествените и економските бариери меѓу културното наследство и потенцијалните инвеститори.

Имајќи го предвид културното наследство и неговата вредност како фактор за одржлив територијален развој, дефинирани се следниве специфични цели:

• вклучување на културното наследство и неговата вредност во развојните стратегии за регионот кој е предмет на интерес со дефиниран модел на културен маркетинг и управување;

• одржување на културното наследство како движечка сила за локален развој;

• подобрување на достапноста на информациите и услугите кон потенцијалните инвеститори, предлагајќи културни пилот-заштитени добра како објекти и дестинации погодни за можно инвестирање. Комуникацијата најчесто би била во форма на креирање иновативен приказ на можноста за нивно повторно ставање во употреба и вклучување на засегнатите страни во процесот на копланирање;

• подобрување на административните, техничките и политичките капацитети и обезбедување одржливост на проектот на долг рок преку воспоставување на таканаречена „лабораториска мрежа“ која ќе биде способна да управува и да ги капитализира проектните резултати.

Гореспоменатите цели ќе се остварат преку планирани активности распоредени во шест работни пакети составени од низа активности, како што се: подготвување на база на податоци за културното наследство од регионот; организирање на фокус-групи во кои ќе бидат вклучени граѓаните и локалната самоуправа на двете општини од регионот (општина Дебар и општина Маврово и Ростуша); организирање работилници кои ќе ја опфатат темата на одржливо управување во културата; одржување таканаречени „роуд шоу” настани на кои ќе им се даде зголемен публицитет на локалните, културните и економските вредности, како и изработка на публикација за можностите за инвестирање во културното наследство во регионот.

You May Also Like