Друштвото на писателите на Македонија ќе формира Клуб на писателки кои се негови членки, а таа нова одлука ќе ја соопшти утре на средбата на жените-писатели организирана по повод 8 Март.
Клубот ќе го носи името на македонската поетеса Даница Ручигај, која трагично загина во скопскиот земјотрес во 1963, а годинава се одбележуваат 80 години од нејзиното раѓање.
– Ваквата организациска новина, што е во рамките на статутот на ДПМ, ќе овозможи поголема вклученост на писателките во програмските активности и за поширока презентација на нивното творештво, соопшти ДПМ.
На 5 мај, денот на раѓањето на Даница Ручигај, ДПМ секоја година ќе доделува и награда со нејзиното име за најдобра книга од писателка, членка на македонската писателска асоцијација.
Друштвото најави и формирање клуб на писателите што пишуваат книги за деца и млади, со цел да се стимулира и афирмира овој вид литература.
На утрешната поетска средба во ДПМ, во пресрет на Денот на жената, ќе настапат 30 поетеси, припаднички на различни генерации и од повеќе градови во Македонија.