Бројни настапи на оркестри, камерни состави и уметници од земјава и од странство, балетски претстави, промоции, трибини и предавања, на неколку сцени во Скопје и Битола, во периодот меѓу 23 – 30 март 2012 година, ќе бидат одржани 35-те „Денови на македонска музика“, манифестација на „Сојузот на композиторите на Македонија“ чија основна цел е афирмација на домашното творештво.
Свеченото отворање на 35-те „Денови на македонска музика“, во годината кога СOKOM, го прославувa 65 години од формирањето, ќе му биде посветено на доајенот, композиторот Љубомир Бранѓолица. Во МОБ, во чест на 80-годишнината од неговото раѓање, ќе биде изведен проектот „Балетска рапсодија“, во кој солистите како Ивана Коцевска, Александра Мијалкова, Саша Ефтимова, Бобан Ковачевски ќе изведат фрагменти од неговите дела кои во минатото биле на репертоарот на оваа национална институција.
„Ние сме имале една многу добра и плодна соработка со господинот Љубомир Бранѓолица, и мое лично мислење и мислење на сите колеги е дека го заслужил овој концерт, па и нешто повеќе од тоа“, вели директорот на Балетот Горан Божинов.
Легендарниот композитор и пијанист Љубомир Бранѓолица, откако се пошегува со своите осум децении од животот, во однос на проектот забележува дека во предвидените 60-тина минути публиката ќе има можност да проследи осум варијации селектирани од негови петнаесет балети. Деновите на македонска музика оваа година се навистина на нивото на својата долгогодишна традиција и се прави своевиден исчекор напред.
„Сите работи се исполнети тука, меѓутоа и многу балети беа исполнети и вон нашите граници. Има околу 20 земји каде што се изведувани моите дела“, вели Бранѓолица.
На програмата е планирано да се најдат добро познатите „Саксафонквадрат“ од Германија, „Њу борн квајр“ од Косово, камерен концерт со македонски исполнители, дуото „Поетика музика“, триото „Арденза“ од Бугарија, својот редовен настап во рамките на манифестацијата ќе го има и Македонската филхармонија со дела на Бужаровски, Аврамовски и Цанев и солистите Љубиша Кировски и Маја Шутевска-Кировска како и „Анкара винд квинтет“ кои ќе имаат и перформанс со електронска музика на кој ќе бидат исполнети композиции на Мехмет Џан Озер и нашите Мирослав Спасов и Роберт Саздов.
„Се водеше многу сметка да бидат опфатени што е можно повеќе автори со дела за конкретниве ансабли. За жал тоа не секогаш успева од бројни причини“, истакнува Јана Андреевска, уметнички директор на Деновите на македонска музика.
Исто така, ќе се промовираат авторските албуми на Бранѓолица, Манчев, Александар Џамбазов, Снежана Анастасова Чадиковска, компилацијата со минатогодишните учесници на ДММ, како и книгата „Томислав Зографски – живот и дело“, а во НУБ „Св. Климент Охридски“ ќе се случи трибината „Македонската уметничка музика и општеството“. Планирани се и неколку работилници и презентации.
„Деновите на македонска музика оваа година навистина, без оглед или наспроти се, се најнапред на нивото на својата долгогодишна традиција, а потоа, си дозволувам да кажам, и еден исчекор напред, што навистина е своевиден подвиг со оглед на околностите во коишто вирее македонската музичка култура пред се, но претпоставувам и македонската култура воопшто“, посочи Марко Коловски, претседателот на СОКОМ.
Влезот за сите случувања и на овие „Денови на македонско музичко творештво“ е слободен.