Преполна сала, бројни аплаузи и неколку биса на концертот на Ансамблот за народни инструменти и песни „Стефче Стојковски“ во Софија. Со најубавото од македонскиот фолклор, со многу емоција и прекрасна интерпретација, ансамблот измами френетични аплаузи и воодушевување кај публиката во салата „Земјата и луѓето“.
Како вистински амбасадори на македонската култура и фолклор, членовите на ансамблот и виртуозот на бројни традиционални инструменти Стефче Стојковски уште долго ќе останат во сеќавање на присутните гледачи.
Голем интерес владее и за изложбата на традиционални инструменти и носии од Галичник, Мариово, скопско ,прилепско, кумановско и охридско. Изложбата е поставена во просториите на Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија,а експонатите ќе бидат изложени до 1 Јуни. Деновите на македонскиот фолклор со АНИП Стефче Стојковски во Софија беа организирани по повод 9 Мај – Денот на Европа,во организација на Културно-информативниот Центар на РМ во Софија, Министерството за култура на Македонија во соработка со Дирекцијата за култура на Софија.
За значењето на Денот на Европа за Македонија, за богатството на македонскиот фолклор и репрезентативноста на АНИП Стефче Стојковски, пред бројната публикасе обрати директорот на КИЦ на Македонија во Софија, г-нот Васко Шутаров.