Ќе се гради нова сала на место на Универзална

Градоначалниците на Град Скопје и Центар, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ, како и министрите за финансии и култура, Зоран Ставрески и Елизабета Канческа-Милевска денеска (15.03.2013, петок) го промовираа проектот за изградба на нов објект на Универзалната сала во Скопје.

Министерот за култура Канческа-Милевска објасни дека бројните анализи и испитувања од страна на Градежниот факултет укажале дека стариот објект не е погоден за реконструкција. Дополнително, реконструкцијата би подразбирало задржување на истиот капацитет од околу 1500 седишта, а не би се решил ни проблемот со паркинг просторот и администрацијата на ЈУ “Универзална сала”. Од тие причини, Владата на Република Македонија донела одлука на истото место да се гради целосно нов објект, каде во него би биле сместени и сала со капацитет од 2500 до 3000 седишта, паркинг простор и простор за администрацијата на ЈУ “Универзална сала”.

Според Канческа-Милевска, Владата на Република Македонија за реконструкцијата на стариот објект предвидела средства во висина од околу 11 милиони евра, додека за изградбата на новиот објект се проценува дека ќе бидат потребни 25 до 30 проценти повеќе средства.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски изрази задоволство и благодарност до Владата на Република Македонија и министерството за култура за помошта при изградбата на овој нов објект, бидејќи истиот е еден од најзначајните културни центри во Скопје.

Овој објект веќе не може да ги задоволи потребите на Градот Скопје за манифестациите коишто се планираат во него, така да со изградбата на новиот објект ќе добиеме Универзална сала која ќе може да одговори на потребите на граѓаните, изјави Трајановски.

You May Also Like