„Where the wild things are“ на дизајнерката Јована Филиповиќ на пистата на FWSK…
23 модни изгледи во една рамка, рамката наречена „Where the wild things are“ за есен/зима 2014/ 2015 година, а создадена од умот и рацете на дизајнерката Јована Филиповиќ поддржана од „Bаuerfeind“ и Министерство за култура на Република Македонија. Обоени во неутрални и монохроматски тонови , а зачинети со анимал принтови, носливи кроеви за мажи и жени, продефилираа пред очите на јавноста.
Фустани и здолништа со дефинирана линија, како и лелеави со широк крој. Волуменозни палта и кај жените и кај мажите. Пантолони со права линија и кошули како основа. Одредени модели беа декорирани со крзно кое и даде дополнителна отменост на колекцијата.
За тоа како се работеа истите и како настана оваа приказна за една динамична љубовна афера. Тој и таа. Ден и ноќ. Разговараме со главниот “виновник” за истата, Јована Филиповиќ.
COOLTURA: По завршувањето на ревијата , што прво ви мина низ глава. Дали се исполнети вашите очекувања?
J. : Да. Кога ги видов лицата и реакциите на публиката, сфатив дека успешно сум ја пренела приказната која ја создавав изминативе неколку месеци.
COOLTURA: Овој пат го одбравте знакот на сафари во шик кроеви, како главен акцент. Раскажете ни како дојде до тоа?
J. :Како што веќе споменав, бев водена од една приказна, од идеја да раскажам една љубовна афера, емоции кои дивеат и водат. Сафари моментот си дојде сам по себе кога ги видов материјалите и ја замислив колекцијата во тој дух.
COOLTURA: Машки и женски модели, комотно можам да речам, реткост за нашево модно поднебје каде што доминираат женските, зошто е тоа така?
J. :Машката облека си бара малку поинаков пристап, поинакво искуство и внимание. Не би сакала да зборам во името на другите дизајнери, меѓутоа лично мене ми требаше доста време да се одлучам на ваков чекор. И искрено среќна сум што го направив, затоа што допрва сега сфатив колкава е побарувачката и колку сме во дефицит со креирање и продавање машки дизајнерски парчиња.
COOLTURA: Испреплетени креации од лесна дневна кежуал варијанта до луксузна нота од лелеави волуменозни фустани со посебно истакнат сескапил кај грбот. Што од ова е поблиску до она што сте вие?
J. :Целата колекција сум јас. Не би можела да издвојам кое парче повеќе или помалку. Тоа зависи само од расположението и приликата каде би го носела.
COOLTURA: Со оглед на тоа што како и да погледнеш, колекцијата е некако поделена на две, тој и таа, или преку ден или навачер, од таа причина употребени се рзлични материјали. Што употребивте овој пат?
J. : Таканаречените денски комбинации, се направени од лен, памук, волна… Додека во вечерните преовладува свила, кашмир и крзно.
COOLTURA:Како го одредувате звукот на ревијата? Конкретно за „Where the wild things are“ која е нишката меѓу музиката која одеше во позадина и ревијата?
J. :Музиката ми е цело време во глава дури ја создавам колекцијата. Таа е исто многу биден дел од целосниот имиџ и претставување на колекцијата. Андреј Мицајков е креативецот, кој секогаш без грешка знае преку музика да ја пренесе иснпирацијата, која јас во исто време ја пренесувам преку облека.
COOLTURA: Моден филм по ваш вкус е…
J. :Биографскиот филм за Yves Saint Laurent.
COOLTURA: Дизајнери на кои се воодушевувате се…
J. : Тука би ги издвоила Coco Chanel, Yves Saint Laurent, Husein Chalayan, Balenciaga итн.
COOLTURA: Ликови кои ги вбројувате во модни икони …
J. :Секоја личност со став, карактер, изграден стил и вкус, го вбројувам во модна икона.
COOLTURA:Чиј аутфит би го променила од корен?
J. :Не сум тука да менувам, туку само да влијаам. Сметам дека секој човек треба да си биде тоа што е, и никој притоа не треба да му суди за тоа, нити пак да пробува да го смени.
COOLTURA:Подолу читателите ќе имаат можност да погледнат дел од вашата најнова колекција. Каде ќе биде достапна колекцијата?
J. :Во моето ново отворено студио, и преку страницата за интернет продажба Bastet Noir – https://www.bastetnoir.com/en/.
Студиото се наоѓа на Коста Шахов 14. Позади Бубе Студио Ин.
Aалександра Бела