Утре (5 јуни, четврток) во МНТ, во рамките на првиот „МНТ-Фест“ гостува Шекспировиот театар „Глоуб“ од Велика Британија со претставата „Хамлет“.
Од МНТ јавуваат дека билетите за претставата од 20:00 часот се распродадени, а можат да се купат само билети за попладневниот термин во 16:00 часот. Глоуб театарот е една од институциите која ја трасираат новата визија каде што треба да се движиме.
Театарот на Шекспир „Глоуб“ од Лондон ќе ја добие наградата за исклучителни достигнувања во областа на театарот, која првпат оваа година ја доделува Македонскиот народен театар на првиот меѓународен театарски фестивал „МНТ- ФЕСТ“. Наградата ја симболизира театарската традиција на македонската почва и ќе се доделува секоја година.
Автор: Вилијам Шекспир, Режисери: Доминик Дромгул и Бил Бакхарст
Играат: Џон Дугал, Лади Емерува, Фиби Филдес, Миранда Фостер, Наим Хајат, Берус Кан, Том Лоренс, Џенифер Лионг, Равири Паратин, Метју Ромеин, Аманда Вилкин, Кит Бартлет
дизајн: Џонатан Фенсом
композитор: Бил Баркли
оригинална музика: Лаура Форест-Хеј
времетраење: 160 минути
Театарот „Глоуб“ е театар во Лондон што се поврзува со името на Вилијам Шекспир. Го изгради театарската компанија на Шекспир во 1599 година, а изгоре во пожар на 29 јуни 1613 година. Вториот театар „Глоуб“ е изграден на истата локација во 1614 и е затворен во 1642 година.
Модерната реконструкција на театарот под отворено небо, познат под името Шекспиров театар „Глоуб“, е отворен во 1997 година, на отприлика 230 m од местото каде што се наоѓал првиот театар. Тој располага со 1380 седишта и 700 места за стоење.
Шекспировиот театар „Глоуб“ стана една од најпопуларните дестинации за посетителите во Велика Британија, во срцето на Лондон. Тој претставува добротворна организација и продолжува да работи без државна финансиска поддршка. Театарската сезона трае од април до октомври, а понекогаш и за време на божиќните празници. Се организираат и посети на театарот. Под раководство на уметничкиот директор Доминик Дромгул се стекна со интернационална репутација поради извонредните претстави.
„Едукација Глоуб“ (Globe Education), под раководство на Патрик Спотисвуд, е една од најголемите уметнички катедри за едукација во земјата, а своите методи на настава за Шекспир ги споделува со над 100 000 студенти во текот на годината. Турата и изложбата во Шекспировиот Глоуб (Shakespeare’s Globe Tour and Exhibition) е отворен во текот на целата година и претставува единствената постојана изложба во светот посветена на театарската кариера на Шекспир.