Народен Театар Битола ја прослави 60-та изведба на „Обѕрни се во гневот“ од Џон Озборн во режија на Јован Ристовски. За прв пат во историјата на македонскиот театар се случува дипломска претстава по театарска режија да доживее 60-та јубилејна изведба, која е веќе 5 години на театарската сцена во Народен Театар – Битола.
Премиерата беше изведена на 16 мај 2007 со многу мал број на проби, a jубилејната 60-та претстава се изведе на вчеравечер (9 декември 2011) во 19:30 часот. Пред четири и пол години оваа претстава беше прикажана како дипломска работа на Јован Ристовски, тогашен студент по театарска режија во класата на проф. Слободан Унковски при Факултетот за Драмски уметности во Скопје. Денес може да се каже дека “Oбѕрни се во гневот“ беше една од најпосетуваните претстави во Народен Театар Битола.
Во неа познатиот драмски лик Џими го игра Огнен Дранковски заедно со Маја Андоновска, Никола Пројчевски, Илина Чоревскa и Елена Моше. Ова е претстава со која растеше и сореваше оваа нова млада постава на битолскиот ансамбл, горди што оставија зад себе еден силен печат на новите генерации.
„Обѕрни се во гневот“ на Џон Озборн, прв пат е изведена во 1956 година. Tеатарските светски критичари го прогласија овој драмски текст за пресврт во британската драматургија.
Додатни информации
Џон Озборн (1929-1994) John Osborne
Остроумен уметник. Радикалист-слободоумник и анархист на општеството. Роден во Лондон, живеејќи немирен и бурен живот. Драмски писател, сценарист, актер и критичар.
Револуционер во англиската драма, кој прави пресврт во театарскиот жанр. Неговите драми се занимаваат со домашни ситуации и проблеми. Приказните се однесуваат на обичниот човек во општеството.
Обѕрни се во гневот / Look back in anger
Прв пат е изведена 8 мај 1956 во Royal Court Theatre – London, веднаш предизвикувајќи контроверзни реакции. Критичарите ја прогласуваат за пресврт во британската драматургија. Џ.Озборн и неговиот главен јунак Џими, го означуваат доаѓањето на таканеречените Млади Гневни Луѓе – (Young Angry Men) заедно со познатите Beat Generation -дефиниција, која вбројува многу уметници, писатели и многу бројни генерации, кои во општествениот и политички живот настапувале радикално, дури и анархистички.








