Кино Милениум – тековен репертоар

Погледнете го тековниот репертоар во кино Милениум и проследете некој од понудените наслови:

„ПОЛНОЌ ВО ПАРИЗ“ НА ВУДИ АЛЕН

Во термините од 20:00 и 22:30 часот на репертоарот на Градското кино Милениум закажани се проекциите на 94 минутната американска романтична комедија со елементи на фантазија насловена како „ПОЛНОЌ ВО ПАРИЗ“(Midnight in Pariѕ) на режисерот Вуди Ален (Woody Allen), со Овен Вилсон (Owen Wilson) и Рејчел Мекадамс (Rachel McAdams) во главните улоги. Другите улоги во филмот ги толкуваат  Kurt Fuller, Mimi Kennedy, Michael Sheen и други.

Гил и Инес патуваат во Париз, придружувајќи им се на родителите на Инес. Гил е успешен холивудски писател, но наидува на потешкотии при завршувањето на својот прв роман. Тој се вљубува во градот и мисли дека треба да се преселат таму откако ќе се венчаат, но Инес не ја дели неговата возбуда за градот, ниту пак идејата дека дваесеттите години од минатиот век биле златно доба. Кога оди Инес на танцување со нејзините пријатели, Гил оди на полноќна прошетка, при што наоѓа инспирација за натамошно пишување. Неговите полноќни прошетки ќе го доведат поблизу до срцето на градот, а ќе го оддалечат од жената со којашто планира да се ожени…

АВАНТУРИТЕ НА ТИНТИН (107 мин.)

Во Градското кино Милениум од понеделник до петок во 17:30 часот и во сабота и недела од 15 и 17:30 часот, љубителите на седмата уметност, можат да го гледаат авантуристичкиот спектакл, во режија на Стивен Спилберг и продукција на Питер Џексон (Peter Jackson), „Авантурите на Тинтин“ снимен во дигитална 3Д технологија.

Комбинирајќи три приказни од истоимениот стрип на авторот Жорж Реми (Georges Remi) , дејствието на филмот се врти околу Тинтиновата прва средба со капетанот Хадок (Andy Serkins) и откритието на трагата што ќе ги одведе во вистинска авантура – потрагата на богатството на Тинтиновиот предок. Во потрагата ќе им се придружат и двајца бегалци, како и детективите Томсон и Томсон…Улогите во филмот ги толкуваат Jamie Bell, Andy Serkis и Daniel Craig.

АНИМИРАНА ФИЛМУВАНА ПРИКАЗНА ЗА   ШТРУМФОВИТЕ

Во 103 минути на големото платно е сместена анимираната приказна за лошиот Гаргамел којшто ќе ги избрка Штрумфовите од нивното село, тие од нивниот магичен штрумфовски свет ќе се најдат во светот на луѓето, токму во срцето на Њујорк.

Преку многубројни и возбудливи авантури тие мора да најдат начин да се вратат во нивниот свет, пред да ги пронајде лошиот Гаргамел.

Првата филмувана верзија на незаборавните сини јунаци од малите екрани е во режија на Раја Госнел (Raja Gosnell) и на репертоарот на Градското кино Милениум е во матине термините во сабота и во недела од 11 и 13 часот. Уште една голем авантура на Веле Штрумф, Лутко, Текнувало, Штрумфета… но овој пат преку гласовите на холивудските ѕвезди Ханк Азарија, Кејти Пери, Џорџ Лопез и многу други, коишто ја прават оваа штрумфовска авантура уште поголема.

Штрумфнете и бидете дел од неа.

Билетите за проекциите можат да се купат на касата на Кино Милениум, секој ден од 10:30 до 22:30 часот.

You May Also Like