Нова техничка и тонска опрема ќе биде набавена за потреба на театрите од идната година, бидејќи постоечката е застарена. Ќе се издвојат и средства за набавка на возила со цел сите претстави да се разменуваат и реализираат и во другите градови.
Ова е Владината одлука, која ја презентираше министерот за култура Канческа-Милевска на денешната посета на националните институции – Македонски народен театар, Драмски театар и Театар-комедија. Таа најави дека за театарската дејност ќе се издвојат повеќе средства. Според неа, директните контакти и средбите со директорите на театрите и со вработените се од големо значење за нив.
– Задоволна сум од досегашното функционирање на Македонскиот народен театар и Драмскиот театар. Во МНТ разговаравме за проектите за следната година. Во МНТ и во Драмскиот театар и оваа година посетеноста е зголемена од над 30 отсто од претходните години на сите претстави. На репертоарот има голем број театарски претстави, рече Канческа-Милевска.
При крајот на месецов, посочи таа, со еден тим ќе ја посетиме и изградбата на Стариот театар бидејќи во него ќе се вградува сценската технологија, а интензивно се работи и на фасадата, ентериерот. Се очекува, Стариот театар да биде готов во втората половина на 2012 година. Најави дека ќе се формира тим кој ќе оди на обука во странските фирми кои ја работеа сценската технологија.
– За новата институција Театар-комедија се одобрија шест нови вработувања покрај преземените четири од другите институции, со цел да може да функционира од следната година. Не очекуваат три премиери во Театарот-комедија, изјави Канческа-Милевска.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека изградбата на концертната сала на Македонската филхармонија се очекува да заврши во 2013 година, а прв проект кој ќе се отвори идната година е Портата Македонија, која ќе има мултидимензионална функција и во неа ќе се одржуваат промоции и други настани од областа на културата.
Директорот на Театарот-комедија, Јелена Жугиќ рече дека жанровски определен театар е нешто што досега немало во државата. Укажа дека шест нови вработувања и четири трансфери – на двајца актери од Велешкиот, еден од Струмичкиот и еден од МНТ, не е доволно, но, како што рече, е доволно за да се почне од 15 јануари со првата претстава.
– Среќна сум и благодарна што сме во некаква симбиоза со Драмскиот театар што е од голема помош. Се надевам дека за Театарот-комедија три месеци однапред ќе се продаваат билети. Комедијата како жанр е нешто што од секогаш било најдобро за менаџирање. Првата година се одлучив да работам со проверени режисери, истакна Жугиќ.
Директорот на МНТ, Дејан Лилиќ рече дека салите во театарот се полни и оти на репертоарот имаат квалитетни претстави. -Покрај средствата што ги добивме од Министерството, МНТ во 2011 година направи три претстави од сопствени средства, што треба да биде начин на работа на секој театар, потенцира Лилиќ.
Уметничкиот раководител на Драмскиот театар Зоран Љутков посочи дека ја реализирале програмата од претходната година и оти остануваат уште два проекти кои ќе имаат премиера на почетокот на 2012 година.
– Може да се пофалиме со зголемена посетеност. Оваа година Драмски театар има рекорден број освоени награди. Со неколку претстави театарот освои 15 награди во земјата и странство, додаде Љутков.