„Четврток“ на Манчевски на фестивал во Грција

Краткометражниот филм „Четврток“ на Милчо Манчевски ќе учествува на 37. издание на Меѓународниот фестивал за краткометражни филмови во Драма, Грција на 19-ти септември. „Четврток“ ќе биде прикажан заедно со краткометражни филмови од 47 држави во светот.

Thursday_Stills Manchevski (1)

 

Овогодинешното издание на фестивалот е посветено на прашањата за насилство и трговија на деца, грижите кои произлегуваат од современата општествена реалност и економска несигурност.

„Четврток“ кој беше снимен во Њујорк во 2013 година, премиерно беше прикажан на отварањето на Венецискиот Филмски Фестивал на 28-ми август, 2013, како дел од програмата “Venice 70 – Future Reloaded”, каде што 70 реномирани режисери беа поканети од самиот фестивал да изработат краткометражни филмови со кои се одбележа 70-тото издание на фестивалот.

„Четврток“ исто така освои награда во финалето на филмскиот фестивал USA во Далас, Тексас. Филмот досега е прикажан на меѓународниот филмски фестивал во Сао Пауло, Бразил, на RAI Movie, канал на италијанската национална телевизија, на фестивалот во Сиракјуз, Њујорк, на Interfilm во Берлин, во кино-салите во Германија, на „Листапад“ меѓународниот филмски фестивал во Минск, и др.

Во Македонија премиерно беше прикажан на свечената вечер посветена на творештвото на Милчо Манчевски, која лани вo декември ја организираше Турскиот културен центар Јонуз Емре.

Продуценти на „Четврток“ се Арон Левин и Џералд Херман, кинематографер е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а композитор на музиката Игор Василев Новоградска. Во главната улога настапува актерката Лора Ласи.

You May Also Like