„Четврта смена“ – мото на Скопската неделата на дизајнот

Целодневна агенда ќе ги исполнува шесте денови на четвртото издание на Недела на дизајнот во Скопје (Skopje Design Week), која ќе се случува од 23. до 28. септември во Куршумли-ан, во Старата скопска чаршија.

skopje_design_week_2014

 

Со мото „Четврта смена“ програмата е составена од активности кои ќе почнуваат во 10 часот претпладне, а ќе траат до доцна во ноќта. По отворањето на 23. септември, во 20 часот, во наредните пет дена ќе следува интензивен ритам на паралелни и последователни програмски целини во кои се опфатени дизајнерски бизнис и едукативни презентации, основачка конференција на Балканска дизајнерска мрежа, Експо-зона, патувачки и некомерцијални изложби, работилници и панел-дискусии, „Гастро талент зона“ на „Барбакан“, новата форма на фестивал во фестивал со „Body, mind and spirit“, промоција на иницијативи со кои ќе се зацврсти претприемачкиот дух во насока на соработка помеѓу деловниот сектор и креативната индустрија, но и целовечерни диџеј-сетови на српски и македонски диџеи во забавниот сегмент на Неделата на дизајнот во Скопје. Земја во фокус оваа година е Франција.

Основачката конференција на Балканска дизајнерска мрежа ќе се одржи на 24 и 25 септември. Иницијатори на платформата, чија цел ќе биде да се дефинира идентитетот на балканскиот дизајн и со заеднички сили и креации да се настапи на светскиот пазар, се организациите „Јавна соба“ од Македонија, Хрватската асоцијација на дизајнери од Загреб и најетаблираната дизајн-платформа во регионот „Миксер“ од Белград. Балканската дизајнерска мрежа во првите две години од постоењето ќе се отвори кон сите дизајн-платформи, компании, студија, поедници и институции кои се тесно поврзани со дизајн на производи и кои сакаат да придонесат за развојот на дизајн-сцената во регионот со цел да се оствари заедничката мисија.

Во сегментот на презентации со гордост ги најавуваме настапите на Никола Радељковиќ од „Numen/For use“, едно од најавангардните дизајнерски студија во регионот, меѓу другото, кај нас познато и по сценскиот дизајн за филмот „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, потоа презентацијата на Рикардо Капузо, основач и сопственик на платформата „Design42Day“ во Италија, Ханспитер Џејмс Келин, архитект, СДА-дизајнер и архитект за внатрешно уредување ќе одржи бизнис-презентација со наслов „Пазарот за мебел во Европа – трендови во дизајнот, факти и бројки, сегментација на производ и цена“, а ќе ги претстави и

можностите на швајцарската СИППО-програма со цел да се поттикне и зголеми извозот на македонскиот мебел на пазарот во Швајцарија и во Европа. Во сегментот на едукативни презентации ја најавуваме работилницата за млади талентирани луѓе кои работеа на развојот на софтверско решение кое ќе им овозможи на купувачите да создадат и дизајнираат сопствени комбинации на ЗАВАР дизајнираните радијатори.
Земјата во фокус – Франција, ќе биде претставена со десет најистакнати дизајнери и студија кои ќе ја донесат автентичната современа дизајнерска сцена во Скопје. Францускиот дизајн тежнее кон функционалност, едноставност и достапност, а одамна ги има поставено стандардите на квалитет, луксуз и ексклузивност. На наша голема радост француското искуство и традиција ќе го збогатат естетскиот сегмент на Недела на дизајнот во Скопје. Сегментот „Франција – земја во фокус“ е организиран во соработка со Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и Францускиот Институт во Скопје.
Неделата на дизајн во Скопје ќе даде можност да се стекнат и практични вештини во повеќе области на продукт-дизајнот. Од 24 до 28 септември во Куршумли-ан ќе се одржат пет работилници на „Lotus design store“ за дизајн на поп-ап столици од рециклиран материјал, фузија на стакло, дизајн на керамички чаши, работилницата „Моден круг“ и работилница за 3Д-декорации. Ментори на работилниците ќе бидат Анита Гај од „Lotus design store“ и „Lotus lounge chair“, заедно со Марта Поп Антоска (М-арт), Александар Дудески (Творница) и модната дизајнерка Ирина Тошева.
Во сегментот „Гастро талент зона“ секој ден ќе има рецепти од „Барбакан“, додека со новата форма на фестивал во фестивал со „Body, mind and spirit“ секојдневно ќе се одржуваат предавања, работилници, дегустации и практична примена на гастрономски рецепти.
Панел-дискусиите се резервирани за Медиа Принт Македонија, на тема „Традиционални vs. дигитални медиуми“, и „Навигаторс“, на тема „ Дизајн на комуникацијата Vol.2 – остани бараба те чекам на тараба“.
Во текот на Недела на дизајнот во Скопје ќе се одржи и Државното првенство на баристи, ќе биде објавен победникот на конкурсот за креативно дизајн-решение за брендирање на новиот производ – гроздов мед на ВВ „Тиквеш“, како и работилницата „Мобилен букбокс“.
Во забавниот сегмент потврдени се настапите на „Мјустрап“, „Лејт фор кофи“, „Лорна винг“, „Луз азул“, „Заа“, „Нејкед“, диџеј Ачим и диџеј Мед Хатер од Србија и македонските диџеи Флудер, Флуид, Васо и Томи Бојаџи.

You May Also Like