Утре (петок, 18.11.2011 година), со почеток во 13:00 часот, во просториите на Изложбената галерија – Детски ликовен центар на Детската библиотека „Другарче“, во Кинотеката на Македонија, ќе биде отворена традиционалната Меѓународна детска ликовна изложба, што секоја година се реализира по повод денот на ослободувањето на градот Скопје, 13 Ноември.
Во киносалата на Кинотеката на Македонија, ќе бидат доделени и Наградите за најуспешните детски цртежи, а годинава на конкурсот учествуваа околу 3000 творби од деца на возраст од 4 до 18 години од градинките, основните и од средни училишта во Скопје.
За најуспешни се избрани 350 творби, од коишто првонаградени се 94, втора награда добија 45, а 39 се третопласирани. На Меѓународниот конкурс за детска ликовна творба учествуваат цртежи од деца од Германија, Словенија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија, Украина, Турција и Македонија.
Покровител на Манифестацијата е Град Скопје, а организатор Детски ликовен центар –Скопје при Градско здружение на ликовни педагози.