Центарот за култура во Битола со нови содржини

Битолскиот Центар за култура, освен организирање на манифестации од сферата на културата со национален и меѓународен предзнак, големо внимание посветува и на тековните инвестиции во функција на обезбедување нов корисен простор.

Според Борче Димитровски, директорот на Центарот за култура, запуштениот музички салон наскоро ќе прерасне во мала сцена со капацитет од 200 посетители која заеднички ќе ја користат двете национални установи во тој објект, односно Центарот за култура и Битолскиот театар.

Денеска почнавме нов зафат, реконструкција или можеби подобро е да се каже реанимација на еден неискористен простор во нашиот објект. Станува збор за музичкиот салон, кој уметниците го нарекуваат салон за проби. Правата фаза од обновата на овој простор ќе заврши до крајот на овој месец. Таа се одвива со забрзана динамика и заеднички со НУ Народен театар-Битола бидејќи работиме во ист објект. Новиот простор ќе се вика мала сцена со повеќефункционална намена, односно изведба на театарски претстави, проби, мали концерти и приредби, истакна Димитровски.

Целосната реконструкција на новата мала сцена во Националната установа Центар за култура – Битола се одвива со поддршка на Министерството за култура и ќе заврши во март идната година кога на располагање ќе бидат и други креативни содржини, фоаје и простор за промоции на кои ќе може да присуствуваат до 200 посетители.

Веднаш по новогодишно-божиќните празници продолжуваме и со други вложувања, односно со промена на теписоните и патеките кои во големата сала веќе 32 години не се променети, исто колку и штиците на големата сцена кои исто така ќе бидат заменети. Во големата сала на центарот за култура конечно ќе извршиме дигитализирање на опремата во кино салата со што ќе бидеме максимално подготвени за најновото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, посочи Димитровски.

 

извор: Курир

You May Also Like