Поезијата на Етернијан преведена на арапски јазик

Избрани стихови од македонски поет Јовица Тасевски – Етернијан, неодамна беа преведени на арапски јазик и објавени во рубриката „Светска поезија“ на египетското списание за литература „Надвах“. Поезијата на Етернијан на арапски ја преведе познатиот египетски поет Саед Гоуда.

Во оваа рубрика на „Надвах“ до сега се објавени песни преведени на арапски од класиците на светската поезија како Хуан Рамон Хименес, Пабло Неруда, Ана Ахматова и други, потоа од повеќе современи европски и американски поети, а освен поезијата на Јовица Тасевски – Етернијан, исто така е преведена и објавена и песната „Т’га за југ“ од Константин Миладинов.

„Надвах“ е еден од најчитаните арапски литературни портали со над сто и педесет илјади посетители месечно од Египет, Алжир, Јордан, Мароко и други држави и се објавува истовремено на арапски, англиски, француски, германски и кинески јазик. Песните на Етернијан проследени со био-библиографија, освен на арапски јазик, во „Надвах“ се објавени и на англиски јазик.

Јовица Тасевски – Етернијан е автор на шест поетски и две критичко-есеистички,книги. Неговата поезија е застапена во повеќе антологии и препеана е на петнаесетина јазици. Го има добиено признанието „Восхитувачки поет“ што се доделува за исклучителен придонес во современата поезија. Советник е за македонска поезија во меѓународниот проект „Други гласови“ – антологија на светската поезија, која е вклучена во референтната листа на УНЕСКО. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Британското поетско друштво и Светското поетско друштво.

You May Also Like