Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на САД, Пол Волерс, во присуство на поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи, градоначалникот на Тетово, Сади Беџети, директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, директорот на Националниот конзерваторски центар, Мемет Селмани, денеска (понеделник, 10 декември) го одбележаа официјалното завршување на конзерваторските и реставраторските работи на фасадата на Шарената џамија во Тетово.
– Шарената џамија е културно наследство од исклучително значење. Токму затоа Министерството за култура води особена грижа за овој споменик на културата кој во изминатиот период, во повеќе наврати, беше конзерваторски третиран од страна на надлежните институции. Со поддршка на Министерството за култура беше реализиран проект за конзерваторско-реставраторски работи на ѕидното сликарство во внатрешноста на џамијата. Исто така се направи дренажа на објектот и заштита од атмосферски води, а се изработи и проект за конзервирање на челната фасада. Беа направени и други интервенции на влезниот дел, оградниот ѕид и други делови, истакна Канческа-Милевска.
Таа додаде дека Министерството за култура во својата Годишна програма за 2012 година издвои и средства за конзервација и реставрација на фасадното сликарство (500.000 денари), кои заедно со грантот од Амбасадорскиот фонд за културна заштита на Соединетите Американски Држави (во износ од 94.700 долари), овозможија овој објект кој повеќе од пет века е симбол на градот Тетово, да го врати својот сјај.
– Денеска можеме да забележиме дека овој проект ги задоволува сите светски стандарди за заштита на еден споменик на културата и верувам дека уште многу години, многу генерации ќе се воодушевуваат на монументалноста на Шарената џамија во Тетово, додаде министерката за култура.
Шарената џамија во Тетово е еден од репрезентативните споменици на архитектурата и сликарството од османлискиот период во Република Македонија. Овој импозантeн објект на исламската уметност потекнува од 15 век и неговата монументалност најмногу се препознава во внатрешната и надворешната декорација која е израз на врвните дострели на искусните мајстори од Дебар.