Хуманитарна активност „Играта продолжува“

Здружението за зелено општество – Гринер и Македонската платформа против сиромаштија (МППС) реализираат активност „Играта продолжува…“ – акција за собирање на употребени играчки (и боички, боенки, книги или украси за деца) и нивна донација на деца кои живеат во сиромаштија или се социјално исклучени.

Акцијата започнува викендов, 15 и 16 декември, пред Дом на АРМ во Скопје, од 10.00 до 15.00 часот. Во периодот од 17 до 21 декември акцијата ќе се спроведува во основните училишта и градинки во општините Гази Баба и Аеродром и на неколку локации во општина Центар. Истовремено, преку локални организации акцијата ќе се реализира и во Струмица, Битола и Тетово. Се повикуваат граѓаните и организациите да донираат играчки и да ги информират нивните пријатели за акцијата.

Оваа предновогодишна активност е во духот на солидарноста, а во согласност со целите на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) и во поддршка на мисијата на Гринер.

Здружението за зелено општество – Гринер, членка на платформата, но првенствено здружение кое го промовира зеленото живеење, чувствува обврска да укаже на можностите кои ги нуди одговорното управување со отпад и како истото може да придонесе во намалувањето на сиромаштијата. Проблемот на детската сиромаштија и неможноста на голем број на семејства да ги задоволат основните животни потреби, а за секундарни потреби (како што се играчките) воопшто не станува збор, е идентификуван во досегашната работа на МППС. Затоа апелираме за поддршка во напорите за реупотреба на ресурсите и продолжување на употребниот век на детските играчки .

You May Also Like