Галерискиот простор во кој се нуди оваа изложба на македонскиот уметник е наменет за камерни изложби и овозможува комуникација со други уметници и љубители на уметноста, особено низ призмата на членството на „Прима Центар Берлин“ во еснафско здружение на галериски и уметничко резидентни простори.
„Импресиите од ова претставување во Берлин за мене се повеќе од позитивни, особено имајќи го предвид фактот дека се работи за мое прво самостојно излагање во странство и ме радуваат позитивните реакции од берлинската публика која е одличен познавач на состојбите во современата уметност, па коментарите на мојата изложба ги доживувам како професионални.
На почетокот, идејата ми беше да ја пренесам изложбата што минатата година беше поставена во „Мала станица“ во Скопје, но по извесно размислување изнудено и од неможноста за физичко пренесување на делата, концептот го насочив кон сведување на изложеното од Скопје во две димензии, односно фотографии од трите простории од поставката во Скопје, дополнително компјутерски ги обработив, ги испечатив на големи пластифицирани платна соодветни на димензиите на галериските простории во Берлин и ги изложив на подот во галеријата. Оттука и обезбедениот континуитет во сведувањето на трите димензии на две, присутен и на моите претходни проекти“ – вели авторот Славчо Спировскa.
Изложбата ПРЕ/пре/пакет/ирање Vx / V1 – (…) е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија и Галеријата „Прима Центар Берлин“.
Изложбата се очекува да биде поставена до 9 март 2012 година, со можност за нејзино продолжување.
Славчо Спировски дипломираше на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во класата на професор Станко Павлески. Учесник е на повеќе групни изложби, се претставил во неколку мултимедијални проекти („Соработка помеѓу уметностите“), а ова е негова четврта самостојна изложба. Со успех излага во земјава и странство.