Играорци од Јапонија, Унгарија, Грузија и други држави на Фестивалот „Илинденски денови“ во Битола …
НУ Центар за култура-Битола од 29 јули до 1 август ќе биде домаќин на 44-то издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“. Годинава на фолклорниот фестивал во Битола ќе настапат 30-на ансамбли, културно-уметнички друштва и групи од Европа и светот, а фестивалот ќе заврши со спектакуларен концерт на Драган Даутовски на Хераклеја.
– „Илиденски денови“ е еден од најстарите фестивали во државата. Манифестација која од година во година се повеќе расте во квалитет и квантитет. Во четирите фестивалски вечери ќе го имаме најдоброто од македонскиот фолклор, староградската традиција од нашата држава и силни интернационални групи кои доаѓаат од Холандија, Унгарија, Хрватска, Грузија, Словенија, а еден ексклузивитет одбезбедивме со поддршка на општина Битола, односно гостување на фолклорниот ансамбл „Кумагаја“ од Јапонија, истакна директорот на НУ Центар за култура-Битола, Борче Димитровски.
Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија и со поддршка на Министерството за култура и општина Битола.
– Нашата одлична меѓуинституционална соработка овозможува да понудиме голем број на квалитетни културни настани. Овој фестивал е во чест на големиот Илинден, празник што ги обединува Македонците и затоа оваа манифестација е се повеќе посетена. Празникот се слави таму каде што се случил и затоа ние ќе го празнуваме најголемото и највредното – Илинден, рече меѓудругото битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Првите две фестивалски вечери ќе бидат посветени на традиционалната музика и игра, една вечер е посветена на староградската музика и игра, а фестивалот ќе биде затворен со интернационална вечер. Паралелно на фестивалот во Битола ќе бидат одржани и манифестациите „Ехо од дамарите“, „На пладне во чаршија“, „Оро на Широк Сокак“, семинар за традиционална музика и игра и промоција на книгата „Македонските празници и обичаи“ од авторот Марко Китевски.