Доделени наградите на манифестацијата „Сајт на годината“ 2012

Вчера (четврток, 13 декември) беа доделени наградите на манифестацијата „Сајт на годината“ за 2012 година, која што се одржа во Инфо центарот на Европската Унија во Скопје. „Оф-нет“ е прогласен за најдобар македонски сајт во изминатата година. На второто место се најде порталот „Факултети”, додека на третото се пласира „Курир”.


Изборот на најдобрите сајтови го отвори министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Министерството за информатичко општество и администрација токму на манифестацијата „Сајт на годината“ минатата година го објави проектот за поддршка на е-трговијата којшто веќе е во завршна фаза. По разгледувањето на најдобрите бизнис-планови беа поддржани повеќе вакви сајтови, неколку веќе се промовираа, а во следниот период ќе бидат претставени и останатите. Освен оваа активност, министерството изработи голем број интернет-страници на институции, а се со цел граѓаните да бидат што подобро опслужени. Системот за е-даноци, како и тој за отворени податоци, се дел од најзначајните што ги пуштивме во употреба“ – рече Ивановски.

Првонаградени сајтови во засебните категории се: „Црно-Бело“ (дизајн), “Мотика” (забавен), “Курир” (информативен), “Суперспорт” (спортски), “Волксваген” (бизнис /корпоративен), “Грид” (иновативен), “Купи книга” (е-трговија), “Борка” (невладини организации), Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” (образование), “Кајгана” (мобилен), „Катастар“ (владини / државни институции), “Креативен вомиториум” (блог).

Во изборот на најдобри македонски сајтови годинава, за првпат одлучуваа и читателите, кои ги селектираа петте номинирани во секоја од категориите.

Во рамките на изборот за сајт на годината се одржа и Панел дискусија на тема „Е-трговија во Македонија, искуства и предизвици“, на која со свое излагање учествуваше и претставник од Министерството за информатичко општество и администрација.

Манифестацијата „Сајт на годината„ се одржува третпат и ја организираат “Media solutions“ и системот за онлајн-реклами keepaneye.mk под покровителство на Амбасадата на Словачка и Здружението на интерактивно огласување ИАБ Македонија.

Оваа година помеѓу номинираните сајтови во категоријата информативен сајт, во конкуренција беше и cOoLTuRa.mk .

You May Also Like