Наградата „Прозарт” што меѓународниот фестивал на прозата „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски придонес кон развојот на балканската книжевност, оваа 2014 година со едногласна одлука на Одборот за доделување на наградата ѝ припадна на исклучителната раскажувачка од Хрватска, Даша Дрндиќ.
Наградата ќе ѝ биде доделена на свеченото затворање на фестивалот, кој оваа година ќе се случува во Скопје, од 27 до 29 мај.
Даша Дрндиќ е родена во Загреб. Од 1999 година работи како професор на Филозофскиот факултет во Риека, и предава модерна британска литература, американска и британска модерна драма, литература и филм, и креативно пишување. Предавала и на Универзитетот во Торонто, Канада. Активна е и како преведувач (превела есеи и студии од Борхес, Пинтер, Орвел, Гомбрович, Сангвинети, Бродски…), пишува радио-драми, литературна критика, есеи… Учествувала на бројни книжевни резиденции низ Европа. Објавила десетина книги од областа на прозата и литературната критика и добитник е на неколку награди. Даша Дрндиќ е и долгогодишна уредничка на реномираното регионално списание „Сараевски тетратки“.
„Името и делото на оваа авторка е многу добро познато и вреднувано од страна на балканската и меѓународната критика, како и од самата читателска публика. Со нејзините прозни дела, особено со „Лајка формат”, документарниот роман „Sonnenschein” и „Април во Берлин” таа се наметна со својот препознатлив, богато иновантен стил и слоевито авторско писмо, за што досега ги има добиено ценетите национални награди како „Киклоп”, „Фран Галовиќ”, се најде и во најтесен избор за престижната британскa награда „Independent Foreign Fiction Prize” а ја доби „Independent Foreign Fiction Readers Prize”, соопштува одборот за доделување на наградата, составен од Владислав Бајац, Александар Прокопиев, Елизабета Шелева, Ермис Лафазановски и Дејан Трајковски.
Првото издание на фестивалот ПРО-ЗА Балкан се случи во Скопје, од 4 до 6 март 2013 година. Добитник на наградата „Прозарт“ беше Владислав Бајац од Србија. Гости писатели беа Андреј Блатник од Словенија, Алек Попов од Бугарија, Андреј Николаидис од Црна Гора и Миљенко Јерговиќ од Хрватска.
Од 2014 година, фестивалот ќе биде фестивал со шест писателски имиња. На петте писатели од Балканот ќе им се приклучува по еден виден писател од Македонија кој ќе биде претставуван заедно со нив. Писателот од Македонија ќе го одбира селектор со едногодишен мандат, а кој ќе доаѓа од редовите на најистакнатите писатели од Македонија.