Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска утре (петок, 20 април 2012) во Белград (Србија) ќе учествува и ќе се обрати на министерскиот состанок на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕЕ).
Темата на осмиот состанок, кој е продолжение на претходните средби реализирани изминатите години во Тирана, Софија, Загреб, Атина, Љубљана, Цетиње и Букурешт е заштитата на аудиовизуелното наследство и финансирање на микробуџетски филмови.
Домаќин на Конференцијата е српскиот министер за култура, информации и информациско општество Предраг Марковиќ, чија земја е актуелен претседавач со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа.
Целта на државите-членки на овој совет на министри: Република Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Албанија, Романија, Бугарија, Турција и Австрија, како постојан набљудувач, а од оваа година и Република Молдавија како полноправна членка, е јакнење на културната соработка, како и соработката во други сфери кои се од заеднички интерес.
Во рамките на конференцијата, на која ќе биде усвоена и потпишана Белградска декларација, Канческа-Милевска ќе оствари и билатерални средби со српскиот министер за култура, информации и информациско општество Предраг Марковиќ и со министерот за образование, наука и култура на Република Словенија, Жига Турк.