Изминативе неколку денови во Нирнберг, Р. Германија престојуваше делегација од Градот Скопје, која одигра пријателски фудбалски натпревар со екипа составена од вработени во администрацијата на градот Нирнберг.
Спортската делегација на Град Скопје оствари средба со заменик-градоначалникот на Нирнберг, Хорст Фортер (Horst Förther) и советникот во Службата за меѓународна соработка на Нирнберг и почесен граѓанин на Град Скопје, Вернер Трини (Werner Trini).
Заменик-градоначалникот Фортер на спортската делагација и посака добредојде во Нирнберг и убав престој во градот.
Делегацијата од Скопје искажа благодарност за убавиот пречек и во името на Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, упати покана до домаќините за посета на Скопје.
Фудбалскиот натпревар, на кој победија домаќините со резултат 4-2, е дел од многубројните активности за обележување три децении од збратимувањето на Град Скопје и Нирнберг, Република Германија.
Неодамна, во склоп на одбележувањето на 30-годишнината од збратимувањето на Скопје и Нирнберг, во просториите на Мултимедијалниот центар “Мала станица”, се отвори заедничка изложба на нашиот еминентен уметник, проф. Симон Шемов и германскиот познат ликовен автор проф. Ханс Херпих.