Фестивалот за документарен филм – МакеДокс со пред фестивалско репризно загревање

Фестивалот за креативен документарен филм – МакеДокс од 17 – 22 мај 2012 година во најава на своето трето издание, во Кинотеката на Македонија ќе прикаже дел од филмовите од минатогодишната селекција.


Единаесет најдобри филмови селектирани од публиката, а дел од нив наградени од страна на стручно жири ќе бидат прикажани во текот на шестдневната МакеДокс Реприза. За сите оние кои ги пропуштија филмовите минатата година, за сите оние кои слушаат за МакеДокс за прв пат и им се допаѓа како тоа звучи, за сите оние кои повторно сакаат да ги погледнат најдобрите од МакеДокс 2011, ви ги подготвивме следниве филмови:

17.05.2012 (четврток), 20:00 часот

ХОЗЕ И ПИЛАР
(Jose & Pilar)
документарен филм, Португалија
2010, 125 мин., колор, ДВД
режија: Мигуел Гонсалве Мендес (Miguel Gon çalve Mendes)

Филм за португалскиот добитник на Нобеловата награда за литература, Хозе Сарамаго, преполн со моменти на нежност и песимистички рефлексии на писателот, противотров на глобалната преголема доза на проза. Документарен филм за многу уникатна љубов, споменик во чест на еден писател, брилијантен човек кој знае дека времето истекува, а сепак…заминувањето од овој свет за него не е прифатлива опција.

18.05.2012 (петок), 20:00 часот

ТЕМНИНА НА ДЕНОТ
(The Darkness of Day)
документарен филм, САД
2009, 26 мин., колор, ДВД
режија: Џеј Розенблат (Jay Rosenblatt)

„Темнината на денот“ претставува длабоко истражување на феноменот на самоубиството како табу. Филмот е составен од пронајдени филмови коишто биле отфрлени.

КАТКА
(Katka)
документарен филм, Чешка Република
2010, 90 мин., колор, ДВД
режија: Хелена Тшештикова (Helena T řeštíková)

Катка е долгогодишна наркоманка, која си посакува животот да ѝ се смени на подобро и да живее колку што може понормално. Филмот ја следи нејзината 14-годишна борба со дрогата. Сведоци сме на внатрешната борба кај оваа млада жена и надежта за среќен крај на нејзината животна приказна.

19.05.2012 (сабота), 20:00 часот

ВОЗОТ „Д“
(The D Train)
документарен филм, САД
2011, 5 мин., колор, ДВД
режија: Џеј Розенблат (Jay Rosenblatt)

Еден стар човек се присеќава на својот живот којшто брзо одминува.

ДЕПОНИЈА
(Wasteland)
документарен филм, Велика Британија / Бразил
2010, 98 мин., колор, ДВД
режија: Луси Вокер (Lucy Walker)

Сниман во текот на речиси три години, филмот го следи реномираниот фотограф Вик Муниз во текот на неговата работа на најголемата светска депонија Јардим Грамачо, лоцирана на периферијата на Рио де Жанерио. Преку фотографирањето на катадоресите – самопрогласени собирачи на рециклирачки материјали – Муниз сведочи за трансформирачката моќ на уметноста и алхемијата на човековиот дух.

20.05.2012 (недела), 20:00 часот

ЖЕЗЛОТО НА ГЕРИНГ
(Goringin Sauva)
документарен филм, Финска
2010, 37 мин., колор, ДВД
режија: Пиа Андел (Pia Andell)

Историски документарен филм за младиот снимател Феликс Форсман, кој во 1942 година ја снимал посетата на Адолф Хитлер на Манерхајм во Германија. По завршувањето на Втората светска војна, овие архивски снимки биле забранети да се прикажуваат цели 65 години.

СИНЕМА КОМУНИСТО
(Cinema Komunisto)
документарен филм, Србија
2010, 100 мин., колор, ДВД
режија: Мила Тураљиќ (Mila Turajlić)

Филм што го истражува митот кој ја создаде Југославија – нејзиниот претседател Јосип Броз-Тито. „Синема комунисто“ го претставува човекот кој ја режирал таа измислена приказна и начинот на кој таа слика и реалноста се разминувале с è до конечниот колапс- по кој останале само сценографија која гние и филмски инсерти за една земја која веќе не постои.

21.05.2012 (понеделник), 20:00 часот

БЕСКОНЕЧНА ЉУБОВ
(Endless Love)
документарен филм, Шведска
2010, 14 мин., колор, ДВД
режија: Аса Блан, Јохан Палмгрен (Asa Blanck, Johan Palmgren)

Деведесетгодишните Еба и Торни, кога се сретнале по 60 години од нивната прва љубовна романса, сфатиле дека љубовта никогаш не исчезнала. Прекрасно и нежно опејување на една вечна љубов.

ИТЕМБА – НАДЕЖ
(iThemba)
документарен филм, САД
2010, 70 мин., колор, ДВД
режија: Елинор Буркет (Elinor Burkett)

Во Зимбабве, група од осум музичари со физички недостатоци, со хумор и со песна се пробиваат во средина каде што многумина ги сметаат за проколнати. Филмот ги следи нивните проби, секојдневни животи и посебни моменти.

22.05.2012 (вторник), 20:00 часот

АРСИ-ВЕРСИ
(Arsy Versy)
документарен филм, САД
2009, 26 мин., колор, ДВД
режија: Миро Ремо (Miro Remo)

Филм за животот на една мајка и нејзиниот син Лубос. Лубос бега од светот на луѓето во симбиотичен живот со природата. Тој својата животна енергија комбинирана со неговата неверојатна емпатија ја инвестира во аматерската фотографија. Негова најголема фасцинација се лилјаците. Единствена поддршка од „реалниот“ свет добива од мајка му.

НЕПРИЈАТЕЛИ НА НАРОДОТ
(Enemies Of The People)
документарен филм, Велика Британија / Јужна Кореја
2009, 94 мин., колор, ДВД
режија: Тет Самбат, Роб Лемкин (Thet Sambath, Rob Lemkin)

Тет Сембат, еден од најдобрите истражувачки новинари во Камбоџа, е во мисија да ја открие вистината за владеењето на Црвените Кмери во седумдесеттите години на минатиот век. Соочен со загубата на сопственото семејство во тој период, ја започнува оваа акција за разоткривање на сторителите на геноцидот во неговата земја, со надеж дека неговата земја конечно ќе може да тргне напред.

You May Also Like