Фестивалот „Акто“ во знакот на чеканот на општеството

Претстојното издание на АКТО – Фестивалот за современи уметности годинава ќе се одржи од 22 до 24 август во Битола.

oficijalen poster_AKTO

Поаѓајки од идејата на Брехт, дека уметноста треба да биде огледало издигнато во лицето на реалноста а не чекан со кој ќе се обликува, годинешното, девето по ред издание на Фестивалот за современи уметности АКТО во Битола ќе се обиде да го преиспита односот на уметноста, или уметноста која се создава во актуелниот, современ момент во релација и како однос на постојани преговори и конфликт со општествените и политички конструкции.

За таа цел, речиси целата програма на годинешното АКТО ќе се одвива во Мобилна/монтажната галерија на Центарот за современи уметности во Скопје која се отвори во април годинава во Скопје ,а која ќе биде специјално донесена во Битола за потребите на фестивалот и ќе бидe лоцирана во јавен простор во центарот на градот.

– Оваа година ќе се обидеме во денешен актуелен социо-политички контекст одново да ја редефинираме релацијата на уметноста со општествените промени, и тоа особено во време на надоаѓање на силни националистички и конзервативни тенденции кои доминирааат со земјава но и глобално, со европскиот културно политички контекст–вели Филип Јовановски, уметнички директор на АКТО.

Тој додава во рамките на ваквата концепција и како дел од официјалната програма на фестивалот ќе се случуваат неколку настани кои се поделени во три целини.

Mobilna.montazna galerija1

Еден дел е посветен на серијата на диксусии насловен „Возможно/невозможно – дијалектиката помеѓу политичкиот активизам и уметноста“ во концепција на активистот и теоретичар Артан Садику. Потоа, меѓу другите настани ќе има две претстави од Скопје како и визуелен дел во кој спаѓаат изложбата You made me so sad. Now that doesn’t have anything to do with you, курирана од Ивана Васева и дела на уметници како Алексис Дебуф од Франција и уметници од Хрватска меѓу кои Маријан Црталиќ, Група АБС, Немања Цвијановиќ и Пино Иванчиќ во соработка со мрежата BCC /Balcan can contemporary.

Во рамките на ОФФ програматa ќе се одржат настани во Мобилна/монтажната галерија, напуштените хангари на Фабриката “Битолатекс” и Oфицерскиот дом а свои настапи ќе имаат Kisobran од Србија, SIZ, Мирко Попов, Васо, Igor Zotic, K.Petrovsky, Goran Tech и голем дел од локалната електронска сцена.

– АКТО фестивалот со својата музичка програма останува препознатлив во поддршката на македонската електронска и indie сцена надополнета со откривање на нестандардни локации и зацврстување на нераскинливата врска на архитектурата и музиката – вели Александар Јовановски, програмски координатор за музика на АКТО.

И оваа година, за фестивалот ќе се организира АКТО ТРАНСПОРТ, бесплатниот воз Скопје-Битола, кој е неколку годишен проект на музички и уметнички настани на релација Скопје-Битола, со цел да се анимира публиката.

You May Also Like