Фадо-музика и Миле Кузмановски на „Балкански музички плоштад“

Со настапот на групата “2 late” синоќа (петок, 1о август) во Античкиот театар во Охрид започна 11-то издание на фестивалот „Балкански музички плоштад (Balkan music square)“ кој е во организација на продуцентската куќа „Трето уво“.

Денеска, втората фестивалска вечер во 21:30часот  ќе ја отвори популарниот потругалски пејач на автентичниот музички стил “Фадо” – Марио Моита од Евора, Португалија, а веднаш по него свој целовечерен концерт ќе одржи најголемата македонска фолк ѕвезда – Миле Кузмановски придружуван од тамбурашкиот оркестар ГЕЗМЕ од Куманово. Специјален гостин на Кузмановски ќе биде поп-ѕвездата Ламбе Алабакоски.

Влезот за Balkan Music Square традиционално е бесплатен.

————————-

Марио Моита е роден во Евора, главен град на регионот Алентехо во Португалија. Тој студирал пиано на музичкиот конзерваториум во Евора и е еден од ретките кој ја негува и свири традиционалната португалска Фадо музика на пијано.
Во 2007 година тој  издава компакт диск со книга за Фадо на пијано, единствен проект од тој вид издаден во Португалија.
Моита во својата повеќегодишна кариера настапувал во повеќе од дваесет земји низ целиот свет, промовирајки го Фадото што како музички жанр скоро да е сосема исчезнат, а од 2011 година е ставен на листата на УНЕСКО за Духовно културно наследство.
Моита на својот настап ќе се претстави со т.н. NAVIGANTING FADO, – музичко патување од Медитеранот до Атлантикот зачинето со португалското Фадо со кое е задоен целиот свој живот.

 

Миле Кузмановски е еден од најпознатите и најбараните пејачи на македонската фолк сцена. Неговата карирера започнува со настапот на фестивалот „Валандово“ во 1999 година. Но, вртоглава популарност стекнува истата година на фестивалот „Цветници“ каде настапи со песната „Не кани ме“,  која беше прогласена за најслушана фолк песна од осамостојувањето на Македонија. Миле Кузмановски е еден од ретките фолк музичари кои своите концерти ги одржува пред преполни сали. По повод јубилејот 20 години на естрадата во 2009  година одржа концерт во преполнетата Универзална сала во Скопје, а продолжи со концертна турнеја во Прилеп, Струга итн. Минатата година одржа повторно свој солистички концерт во Универзалната сала за кој се бараше билет повеќе. Има остварено успешни турнеи и надвор од државата: во Италија, Швајцарија, Шведска и неколкупати во Австралија. Настапил на сите значајни фестивали, како во земјата, така и во странство. Има издадено четири компакт дискови и еден ДВД. Тој на фестивалот Балкански Музички Плоштад ќе настапи со групата Гезме.

You May Also Like