Актерката и режисер Весна Димитровска Бобевски на прес-конференција во Велес информираше дека од Русија се врати со две награди.
Нејзиниот играно-документарен филм „Пресвета Богородице спаси не’ “ во мај се промовираше на два реномирани руски фестивали и се закити со две награди од кои едната прво место и освоена златна статуетка.
Првиот фестивал е во Чувашка република на кој се третирале филмови од малите народи ,а вториот фестивал е „Златен витез“ во Сибир на кој се прикажуваат филмови од црковен карактер:
– Овие награди за мене се успех затоа што јас пред се сум актер а овој пат се пробав и како режисер. Филмот помина низ многу препреки и успеа да се пробие и еве да добие награди. Немаше да успеам без помошта која ја добив од мојата екипа со која работевме на филмот и затоа сум многу благодарна. Задоволна сум и од пречекот во Русија каде бев третирана со сите почести а ова е успех не само за мене туку и за МПЦ и за целиот македонски православен народ, нагласи, Димитровска.
Режисерката во Русија престојувала 12 дена на двата фестивали, а најави дека моментално филмот е во конкуренција за награда и на друг фестивал исто така во Русија. Инаку, филмот „Пресвета Богородице спаси не“ својата премиера за првпат ја доживеа пред две години на 17-то издание на рускиот меѓународен фестивал “Радонеж“ во Москва, а ова е нова, скратена играно-документарна верзија.