„Битола е за мене посебен град, град кој ми е особено драг затоа што мојата мајка потекнува од Битола“, изјави Кирил Џајковски на неговиот концерт на Широк Сокак пред недобројливата публика која громогласно ракоплескаше, исполнувајќи го градот на конзулите со радост, песна, смеа и игра.
Жешка атмосфера, преполни плоштади – од Магнолија до Гоце Делчев и пресреќни лица желни за забава оваа саботна вечер на свеченото затворање на БИТ ФЕСТ уживаа во музиката на Џајковски. Широк Сокак не памети толкава исполнетост. Најавтентичното место во Битола претесно беше да ги собере сите посетители кои оваа вечер силно се забавуваа. И Кирил Џајковски им возврати на свој начин, едноставно неможеше да се оддели од илјадитата публика.
Пред почетокот на настапот на Џајковски оваа вечер на свеченото затворање на Бит Фест беше исполнета со модна ревија на Плоштадот Магнолија, насловена како: Рециклирај се и рециклираното е убаво. Веднаш по завршувањето на ревијата беше отворена изложбата на Сашо Ристевски посветена на шестото издание на БИТ ФЕСТ насловена како ,,БИТ ФЕСТ 2011″, што претставува своевидна ретроспектива на над 130 те настани на БИТ ФЕСТ од кои Ристевски го издвои најдоброто.
Широк Сокак беше бел, благодарение на единственоста на десетте локали кои оваа вечер се обединија под една боја – бела боја. La vita e bella, а животот во Битола е уште поубав. Доказ за тоа е и оваа вечер за која фотографиите најмногу зборуваат.