Лидија Димковска меѓу петте најдобри автори од Источна Европа

Четворицата македонски писатели Венко Андоновски, Александар Прокопиев, Јагода Михајловска-Георгиева и Лидија Димковска, настапија пред бројна заинтересирна публика на Саемот на книгата во Лајпциг што се одржа од 15 – 18 март 2012 година, а на кој издавачката куќа Готен организира национален штанд на Република Македонија. Тие настапија на неколку книжевни разговори, читања и претставувања во рамките на програмата Литература од Југоисточна Европа, традиционално организирана од Традуки.


Маестро Зоран Маџиров, со неговиот феноменален сет со шишиња беше главна ѕвезда на еден од најголемите настани таканаречената Балканска ноќ. Тој ја крена мирната лајпцишка публика која го награди со долги аплаузи и овации. Маџиров настапи со широк сет на изведби, од македонска фолклорна музика до џез, блуз и класични нумери. Во дел од вечерта Маџиров импровизираше во придружба на словенечкиот музичар Владо Креслин.

На штандот на Македонија беа изложени дела преведени на германски јазик од современи македонски писатели, неколку монографии за Македонија на германски, како и дела од македонски писатели преведени на англиски јазик, во рамките на едицијата 130 тома македонска книжевност.

На германските издавачи и литерарни агенти им беше поделен каталог со извадоци од делата на четворицата автори. Александар Прокопиев стапи во пшреговори за потпишување договор за застапништво.

На Саемот на книгата во Лајпциг беа свечено соопштени насловоте на книгите што влегоа во најтесниот избор за престижната германска награда Бруке Берлин (Берлински мост) што се доделува секоја втора година за едно особено значајно современо дело од книжевностите на средна, источна и југоисточна Европа и неговиот извонреден превод на германски јазик. Покрај романите од унгарскиот писател Петер Надаш, романскиот Мирча Картареску, украинскиот Јури Андрухович и српскиот Бора Ќосиќ, во најтесниот избор влезе и поетската книга „Чесна девојка“ од Лидија Димковска во препев на германски јазик на Александер Зицман.

Изборот од поезијата на Димковска што го објави издавачката куќа Едицион Кореспонденцен од Виена претставува и прво поетско дело што воопшто било номинирано за оваа награда во текот на нејзиното десетгодишно постоење. Наградата е парична и рамноправна како за авторот така и за преведувачот, а ја доделува германската фондација БХФ заедно со Гете институтот, Литературниот колоквиум Берлин и фондацијата Пруски културен имот. Почесен покровител на наградата е познатиот унгарски писател Петер Естерхази.

Петчленото жири името на добитникот на наградата ќе го соопшти во мај, а свеченото доделување на наградата ќе биде на 5 јуни во Берлин. Досегашни добитници на наградата се Олга Токарчук, Ласло Дарваши, Давид Албахари, Андреј Битов и Ласло Краснахоркај заедно со нивните преведувачи. Лидија Димковска смета дека и самото тоа што нејзината книга влезе во најтесниот избор за наградата Бруке Берлин е признание само по себе затоа што е најмлада авторка и единствена поетеса меѓу номинираните автори.

You May Also Like